• недела, 22 декември 2024

Врховниот суд го укина решението на Кривичен и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на Блерим Рамадани

Врховниот суд го укина решението на Кривичен и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на Блерим Рамадани

Скопје, 22 август 2024 (МИА) - Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани со кое се укинува Решението на Основниот кривичен суд Скопје и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

-Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил дека постапката започната согласно член 75 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како скратена постапка да се води како редовна постапка согласно член 68 во врска со член 51 од истиот закон, се вели во соопштението од Врховниот суд.

Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука.

-При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има во предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот Дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука.“, се наведува во образложението на решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 15 август од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи е недостапно за органите на прогонот. аа/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан