• вторник, 05 ноември 2024

Врачени наградите „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија

Врачени наградите „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Престижните почесни награди во рамки на филмската ревија „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) беа доделени вчера за време на свечената церемонија која се одржа во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје. Настанот на едно место обедини околу стотина гости - еминентни претставници од светот на културата и кинематографијата и љубители и поддржувачи на македонската филмска индустрија. Годинешните почесни награди беа доделени на Владимир Анастасов - Вац за најистакнат филмски автор, на Тони Михајловски како најистакнат актер и Марина Колоска за најистакнат филмски работник.

Манифестацијата „Златна рамка“ фокусот го става на филмовите произведени во изминатата година и има значајна улога во развојот на филмската култура во земјава. Таа, според организаторите, претставува еден вид витална платформа за филмските професионалци да разменат искуства и согледувања, поттикнувајќи средина за соработка која го подобрува квалитетот и досегот на македонската кинематографија. Истовремено, оваа манифестација ги претставува македонските краткометражни, долгометражни и документарни филмови пред будното око на македонската публика, која со своите впечатоци и критика придонесува за континуиран развој на кинематографијата.

-Со организацијата на ’Златна Рамка’, целиме да ја промовираме македонската кинематографија на поширока публика и верувам дека оваа година успеавме во тоа, иако ни преостануваат уште неколку проекции до крајот на овогодинешното издание. Навистина ми е драго што имаме зголемен број на филмски проекции, а киносалите се исполнети до последното столче, изјави Томи Салковски, генерален секретар на ДФРМ.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов - Изи оценува дека иако посветеноста и креативноста на нашите филмски работници се видливи преку нивната импресивна работа, македонската филмска индустрија бара соодветна поддршка и промоција од нашите институции за вистински просперитет.

-Сегашната состојба на македонскиот филм ја истакнува алармантната потреба од систематско делување. Манифестациите како ’Златна рамка’ го прикажуваат потенцијалот на македонската кинематографија, но без одржлива институционална поддршка, нашата филмска индустрија не може да просперира. Апелирам за зголемена поддршка на македонската кинематографија, за да не се доведуваме во ситуација да треба да ја реанимираме и враќаме во живот. Да ја поддржиме и со тоа и да го поттикнеме филмскиот талент во државата. Ги охрабрувам сите граѓани со своето присуство на филмски проекции да ги испочитуваат нашите талентирани филмаџии и да оддадат признание на македонската кинематографија, вели Игор Иванов - Изи.

Како дел од програмата на филмската ревија „Златна рамка“, до крај на завршување на манифестацијата, љубителите на македонскиот филм во киното “Фросина“ ќе може да ги проследат проекциите на документарниот филм „Дневник по многу години“ со почеток од 18:00 часот, како и долгометражните филмови „Лена и Владимир“ со почеток од 20:00 часот и „Домаќинство за почетници“ со почеток од 22:00 часот.

Дополнително, последниот ден од ревијата ќе биде во знакот на еден исклучително важен сегмент на кинематографијата, а тоа е грижата за нејзиното негување и сочувување. Сите заинтересирани ќе може да присуствуваат на трибината на тема „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ со почеток од 12 часот, на која ќе учествуваат експерти како Владимир Ангелов, проф. Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски, соопштуваат од ДФРМ. вг/са/

Фото: ДФРМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан