• среда, 20 ноември 2024

Во 2021 со заеднички напори до здрава и чиста животна средина

Во 2021 со заеднички напори до здрава и чиста животна средина
Скопје, 5 јануари 2021 (МИА) - Наспроти бројните долгогодишни предизвици во животната средина и отежнатите услови за работа поради пандемијата со коронавирусот, надлежните оценија дека 2020 година можеме да ја сметаме за успешна во однос на заштитата на животната средина и просторното планирање. - Постигнат е посебен напредок во подобрувањето на регулативата и воведување на построги стандарди во три клучни области: рамковниот закон за животна средина, воздухот и отпадот. До Собранието се поднесени измени на девет закони од областа на животната средина, во кои дополнително предвидовме повисоки казни до цели дваесет пати за загадувачите, но и согласно новиот Закон за прекршоците, секој што ќе ги прекрши законите од областа на животната средина, водите, природата, воздухот и така натаму, или нема да работи согласно дозволите, покрај тоа што ќе мора да ја плати казната, ќе треба да ја надомести и сторената штета, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Како недостатоци се наведени потребата од повисок Буџет за капитални инвестиции во проекти што директно ќе влијаат на намалување на загадувањето на животнатата средина, потребата од поголем број на инспектори за животна средина, не само во Државниот инспекторат за животна средина, туку и во локалните инспекциски служби. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини за МИА изјави дека следната година очекува реализација на повеќе проекти, напорна работа и резултати. - Очекувам дека во 2021 година, откако креиравме добра законска основа, дека ќе успееме да реализираме повеќе конкретни проекти со кои ќе обезбедиме заштита на водите, воздухот, почвата и ќе го подобриме квалитетот на живеење. Очекувам дека ќе го зголемиме процентот на заштитени подрачја во државата, бидејќи поседуваме навистина исклучително и разновидно природно богаство кое треба час поскоро се заштити и да се обезбеди негово одржливо управување. Очекувам да ги здружиме силите, бидејќи само со заеднички напори можеме да стигнеме до целта - здрава и чиста животна средина.  Очекувам напорна и посветена работa и видлив резултат, порача министерот Нуредини. Од ресорното Министерство потсетуваат на предложените измени на Законот за животна средина, дека се изготвени и предложени измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кои се утврдија критериуми и донесување на Листа на општини кои ќе мораат да изготват Планови за чист воздух за своите граѓани. Дополнително, согласно ЕУ законодавството, пропишана е обврска за донесување на Краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување во одредени општини, кои ќе мора да бидат одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се однесуваат на транспортот, индустријата, ранливите групи, работното време итн. - Она што е новина и што отвора можности за надминување на административните закочувања во реализацијата на итните мерки, е можноста доколку општините не ги спроведат овие мерки, Владата да може да предвиди стапување во сила на вакви рестрикции, не само како препораки, туку како наредби. Во делот на регулирање на областа управување со отпад усвоени од страна на Владата се и сетот на шест нови закони за управување со отпадот, со кои комплетно ќе ги имплементираме принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот, појаснуваат од МЖСПП. Од таму најавуваат дека ќе се зајакнат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и за општините, за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. - Воведовме хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депонииите. Воведовме финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил, потсетуваат од ресорното Министерство. Предвидена е и забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа. Одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рецклажа е на производителот, а на граѓаните останува да го селектираат отпадот. Општините заедно со колективните постапувачи имаат јасни обврски за овозможување на оваа услуга на сите граѓани. - Во однос на стратешките политики, особено сме горди што е изработен и Национален план за управување со отпад на Република Северна Македонија за периодот 2020-2030 и го завршивме процесот на стратегиска оцена на животната средина на Планот. Исто така, со изработката на нова Методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија, како подготвителна активност започна процесот на изработка на нов модерен дигитализиран просторен план на Република Северна Македонија, со вклучени аспекти на влијаниејата на климатските промени, информираат од МЖСПП. Според нив, во делот на климатските промени имаме постигнато голем напредок бидејќи е изработен и доставен до Владата на усвојување Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Ревидираниот национален утврден придонес кон Договорот од Париз со зголемена амбиција во кој се повторува Зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергијата до 2040 година, со која првпат се воведе димензија на декарбонизација, а изработена е и првата верзија на Нацрт-законот за климатска акција. Завршена е имплементацијата на Системот за квалитет кој го предвидува стандардот за акредитирана лабораторија. Во тек е проверка од Институтот за акредитација со што ќе се сертифицира акредитацијата на централната лабораторија за животна средина во државата. Меѓу позначајните активности на терен се завршениот процесот на безбедно преточување на Винил Хлорид Мономерот од „Охис“, по што тој беше транспортиран и уништен во Германија и потпишаниот Договор со избраниот понудувач за чистење на линданот од малата депонија во „Охис“ и третман надвор од државата. Во Министерството, пак, почна процесот на одобрување на деталниот план за ремедијација и обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен. Сервисирана е постојната и набавена е дополнителна нова опрема која се користи во процесот на редукција на шестовалентен хром за системот за пречистување на пречистителната станица во Јегуновце. Поставена е нова мониторинг станица од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух во Гевгелија и комплетна замена на мерните инструменти во станицата Битола 1, со дополнително опремување со инструмент за мерење на ПM2,5 честички. Од буџетски средства заменети се 30 мерни инструменти, а дополнително набавени и два нови инструмента за мерење на ПМ2,5 честичките. Преку ИПА 2, набавени се и дистрибуирани опрема и 39 возила за собирање на комунален отпад во Источниот и Североисточниот регион. Со ребалансот на Буџетот за 2020 година МЖСПП обезбеди 20 милиони денари за чистење на депонијата во Визбегово. Заштита на природните вредности Донесена е Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел со што на национално ниво процентот на заштитените подрачја се зголеми за 1,9 процентни поени, односно од 8,9 на 10,8 отсто, со што е направен значаен придонес во исполнување на Аичи целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и препораките на ЕУ Директивите за живеалишта и птици. Изготвен е и завршен процесот на консултација со јавноста по Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и во тек е разгледување на пристигнатите забелешки за изработка на финален Предлог-закон. Започнати се процесите за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V заштитен предел, а на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата. Идентификувани се потенцијални 3 Натура 2000 подрачја во Брегалничкиот регион: Овче Поле, Долна Брегалница и Ченгино Кале и е тестиран механизам за плаќање на екосистемски услуги на пилот заштитено подрачје - Споменик на природа Вевчански Извори. Со долгогодишниот тренд на намалување на водостојот на Преспанското Езеро, централната и локалната власт, заедно со стручната јавност, со ова прашање се занимаваат од почетокот на годината на национално и меѓународно ниво. Остварени се директни средби и телефонски разговори со ресорните министри и високи претставници на Албанија и Грција заради започнување на работата на трилатералниот Преспа Парк комитет и работните групи. - Експертската работна група за спас на Преспанското Езеро, со претставници од надлежните институции, академијата и невладиниот сектор ја заврши домашната задача. Со исклучителен и студиозен напор Експертската работна група изработи итен Акциски план со мерки и приоритетни активности поради намалувањето на нивото на водата во Преспанско Езеро, пропратен со финансиска конструкција за имплементација на краткорочните и среднорочните документи, кој веќе е усвоен од страна на нашата Влада. Очекуваме дека ќе успееме да ги намалиме антропогените притисоци врз оваа клучна жешка точка на биодиверзитетот, која ги трпи последиците од климатските промени, природните циклусни осцилации, но и често пати поради неодговорното однесување на човекот кон природата, велат од МЖСПП, потсетувајќи дека е почнат и процесот на вклучување на јавноста во донесување на Планот за управување со Охридското Езеро. Во однос на капиталните инвестиции, МЖСПП работи на имплементација на неколку годишни програми. Во 2021 година планирани за реализација со обезбедени финансии се следниве програми: Програма за управување и заштита на води - 191.280.000.000 денари; Tретман на отпадни води - 202.000.000 денари; и Програма за управување со отпад - 51.716.000 денари, со кои ќе се имплементираат повеќе инфраструктурни проекти во повеќе општини низ земјава. - Она што нетрпеливо го очекуваме е завршување на процесите за предложените заштитени подрачја: финализација на процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк, со што конечно ова природно богатство ќе биде заштитетно и во кое ќе се обезбеди одржливо управување, прогласување на дел од Водно за заштитен предел, а локалитет Матка за споменик на природа, информираат од ресорното Министерство. Во наредната година голем предизвик ќе биде и имплементацијата на амбициозните цели од Ревидираниот НДЦ, во кој се предвидени преку 63 мерки во различни сектори, за да се постигне целта - намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина за повеќе од 50 отсто до 2040 година. Магдалена Ристоманов

Остани поврзан