• недела, 22 декември 2024

Во Штип преку дебата одбележан Денот на волонтерството

Во Штип преку дебата одбележан Денот на волонтерството

Штип, 5 декември 2024 (МИА) – Младите од штипските училишта и здруженијата од Штип и Велес денеска преку дебата го одбележаа Денот на волонтерството, во организација на Граѓанскиот ресурсен центар.

Драгана Митровиќ од Граѓанскиот ресурсен центар вели целта е младите да се вклучат во активности, да волонтираат и да се развиваат самите себе. Посочи дека таргет група се младите, односно нивното вклучување како волонтери, со што би придонеле за заедницата и околината. Проблемот лежи кај можностите кои се нудат на младите волонтери и тоа што голем дел од работодавачите не го ценат волонтерството.

-Има интерес и младите сакаат да се активираат и да прават нешто што е корисно за нив и за целата нивна заедница и околината. Проблем е што немаме доволно можности за волонтирање, односно прием за волонтери. Многу голем дел од работодавачите не го ценат волонтерството, вели Митровиќ.

Никола Канагалов, член на  Здружението акцијаши-волонтери „Патот на младоста“ од Штип вели дека нивните членови работат на конкретни активности, како во државата така и во странствоо. На таков начин ги зголемуваат своите пријателски врски, а преку активностите помагаат и за чиста животна средина.

-Нашите акцијаши сега работат на конкретни активности, еве на пример во Нови Пазар една недела работеа на уредување на просторот околу вештачкото езеро, вели Кангалов.

Осумнаесетгодишната Бојана Николова, член на Здружението на акцијаши-волонтери „Патот на младоста“ вели дека е задоволна што има можност да помага.

-Мојата мотивација за да волонтирам овде е хуманоста пред сѐ. Сакам да помагам во областите каде е потребно. Овде не е само работата, туку и дружењето што го стекнуваме. Како волонтер имам учествувано на повеќе акции, изјави Николова. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан