Во Центарот за култура во Струмица отворена изложба на дела од Драгица Чекоровска
- Во Националната установа Центар за култура ,,Антон Панов" во Струмица, синоќа беше отворена изложба на дела од кавадарчанката Драгица Чекоровска. Чекоровска е дипломиран етнолог, работи како кустос-советник во Музеј Неготино, а до неодамна шест години ја извршуваше функцијата директор во музејот.

Струмица, 17 мај 2025 (МИА)-Во Националната установа Центар за култура ,,Антон Панов" во Струмица, синоќа беше отворена изложба на дела од кавадарчанката Драгица Чекоровска. Чекоровска е дипломиран етнолог, работи како кустос-советник во Музеј Неготино, а до неодамна шест години ја извршуваше функцијата директор во музејот.
-Изложени се 30 дела во повеќе формати, во техника акрил на платно. Сликам на платно со акрилни бои, теми кои се блиски до етнологијата, односно темите од етнологијата ги предочувам на платно во апстрактна форма. Освен овие теми, како инспирација ми е природата, особено цвеќињата претставени во современа апстрактна форма. Учесник сум на повеќе ликовни колонии и групни изложби, појасни Чекоровска.
Сликата од кавадарчанката Драгица Чекоровска „Корени", што беше дел од изложба во кавадаречката музеј галерија, неодамна, по продажбата, заврши во домот на македонско семејство во Сиетл, Вашингтон, САД.
Во изјава за МИА, Чекоровска тогаш изрази задоволство што нејзино дело ќе биде своевидна емотивна врска на семејството со родната земја.
-Интересна е симболиката со името на самата слика, што ја нареков „Корени". Корените секогаш влечат, па така, иако станува збор за апстрактна уметност, ова дело акрил на платно, осумдесет на шеесет сантиметри, засекогаш ќе го потсетува ова семејство на фамилијарната лоза и корените во татковината, истакна таа.рт/лв/
Фото: МИА