• недела, 22 декември 2024

Во Хрватска регистрирани над 248.000 компании, активни 72 проценти од нив

Во Хрватска регистрирани над 248.000 компании, активни 72 проценти од нив

Загреб, 22 август 2024 (МИА) - Во Хрватска на крајот на јуни оваа година биле регистрирани 248.255 деловни субјекти, од кои 72,2 проценти или 179.241 се активни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од вкупниот број на регистрирани деловни субјекти, најмногу има трговски друштва, 170.417. Од нив, 84,2 проценти или 143.512 се активни. Институции, тела, здруженија и организации имало 75.709, од кои активни се 35.025 или 46,3 проценти, додека задруги имало 2.129, а активни се 704.

На крајот на јуни во Хрватска работеле и 105.222 субјекти во занаети и слободни професии, покажуваат податоците на ДЗС.

Податоците за структурата на деловните субјекти според дејности покажуваат дека повеќе од половина од регистрираните и активните субјекти се застапени во четири области на дејности – трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, со учество на регистрирани од 12,8 проценти и активни од 14,5 проценти, преработувачка индустрија, со учество на регистрирани од седум проценти и активни од 8,6 проценти, стручни, научни и технички дејности, со учество на регистрирани од 10,6 проценти и активни од 12,9 проценти, и останати услужни дејности, со учество на регистрирани од 20,1 проценти и активни од 13 проценти.

Структурата на активните правни лица според формите на сопственост покажува дека приватната сопственост е најчест облик – 79,5 проценти од субјектите, односно 142.409.

Во државна сопственост се 0,8 проценти од субјектите, во мешовита сопственост 0,4 проценти, исто како и во задружната сопственост, а за 19 проценти од правните лица сопственоста не се следи.

Кај активните правни лица, најмногу има компании, 91.433 или 51 процент, кои имаат меѓу еден и девет вработени, додека 69.167 субјекти или 38,6 проценти немаат вработени. Понатаму, 14.350 правни лица имаат меѓу 10 и 49 вработени, 3.673 имаат од 50 до 249 вработени, 341 субјект има од 250 до 499 вработени, а 277 имаат 500 и повеќе вработени.

Податоците за територијалната распределба на деловните субјекти на жупаниско ниво покажуваат дека нешто помалку од една третина од вкупно регистрираните деловни субјекти (правни лица) се наоѓаат во Град Загреб. ссм/

фото: архива

Остани поврзан