• вторник, 14 мај 2024

Во Узбекистан почнува самитот на Шангајската организација за соработка, Путин и Си ќе имаат тет-а-тет средба

Во Узбекистан почнува самитот на Шангајската организација за соработка, Путин и Си ќе имаат тет-а-тет средба
Ташкент, 15 септември 2022 (МИА) - Првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина денеска ќе се сретнат претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин и тоа на самитот на Шангајската организација за соработка, што се одржува во Самарканд во Узбекистан. Руски официјални лица најавија дека состанокот, што ќе се одржи на маргините на самитот, ќе биде искористен за детална анализа за војната во Украина. Кина изрази поддршка за Путин во конфликтот, препишувајќи им ја вината на САД и НАТО. На самитот во Самарканд ќе присуствуваат и претседателите на Турција и Иран, Реџеп Тајип Ердоган и Ебрахим Раиси, како и индискиот премиер Нарендра Моди. Станува збор за прв состанок на лидерите на Шангајската организација за соработка лице в лице од 2019 година. Се очекуваат неколку билатерални средби и влез на Иран во евроазискиот политички, трговски и безбедносен блок. Членки на организацијата се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Досега Иран имаше статус на набљудувач, како Белорусија и Монголија. За земји партнери на Шангајската организација за соработка се сметаат Ерменија, Азербејџан, Камбоџа, Непал, Шри Ланка, Турција. Узбекистанската Владата посебно соопшти дека Путин е на пат кон Самарканд и ќе се сретне со лидерите на Иран, Киргистан, Пакистан, Туркменистан и на Узбекистан. Рускиот претседател утре треба да се сретне со лидерите на Азербејџан, Индија и на Турција, се наведува во соопштението. бд/сд/

Остани поврзан