Во текот на вчерашниот ден најмалку десет пожари во Грција биле предизвикани од громови
- Во текот на вчерашниот ден во Грција избувнале 44 нови пожари, од кои најмалку десет биле предизвикани од громови на голема надморска височина, соопшти, преку социјалните мрежи, министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 19 август 2024 (МИА) – Во текот на вчерашниот ден во Грција избувнале 44 нови пожари, од кои најмалку десет биле предизвикани од громови на голема надморска височина, соопшти, преку социјалните мрежи, министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Надлежниот министер, објави мапа со пожарите во земјата, и истакна дека напорите за гаснењето на огнената стихија предизвикана од громови „беа многу отежнати“, им се заблагодари на пожарникарите, волонтерите и локалните власти и апелираше сите да бидат внимателни „бидејќи во следните денови се очекуваат временски појави со интензивни молњи“.
За шумскиот пожар што вчера избувна во близина на грчкиот град Литохоро во областа Пиериа и поради ветерот брзо се прошири, предизвика материјална штета на една куќа, а превентивно беше евакуирано и населено место, доцна синоќа истражни службеници на противпожарната служба уапсија едно лице.
Како што соопштија, станува збор за странски државјанин кој запалил сува трева на нива за време на вршење на земјоделски работи и го предизвикал пожарот, но и ја прекршил законската регулатива, по што му е изречена административна казна од 2.767 евра.
Промената на времето, обилниот дожд и невремето, во одредени области на Грција, особено во северниот и северозападниот дел доцна синоќа, предизвикаа проблеми, но и поплави, а најпогоден беше градот Јанина, каде што улиците се претворија во реки. ср/ссм/