Во Стопанската комора и формално почна да функционира Групацијата на овластени увозници на моторни возила
- Целта на обединувањето на компаниите во Групацијата при Комората е преку системско дејствување да може да ги компарираат податоците и фактите во интерес на иницирање решенија со кои во државата ќе се поттикне користењето еколошки поквалитетни нови моторни возила, за што е потребно, со надлежните државни институции инволвирани во дејноста, да се добиваат податоци навремено и континуирано.
Скопје, 8 април 2026
Во Стопанската комора и формално почна да функционира Групацијата на овластени увозници на моторни возила, директно поддржана и од претседателот на СКСМ, Бранко Азески.
По неколку неформални работни средби и дискусија за прашања од интерес на нивното заедничко дејствување, овластените увозници на моторни возила во Македонија ја формализираа и Групацијата при Комората. За претседател е избран Благоја Димитровски од „Тојота авто центар“, а за потпретседател Ана Јаневска од „Автонова“.
Претседателот Азески, посакувајќи им успешно заедничко дејствување во најстарата и најмоќна бизнис-заедница, посочи дека оваа дејност го изразува врвот на технолошки достигнувања, дејност која е предводник на иновациски процеси и компании, кои со начинот на дејствување поставуваат нови модерни стандарди во работењето. Јасно е, вели Азески, дека за поволна бизнис-клима потребно е владеење на правото, почитување на принципите на пазарната економија, одговорност на институциите. Континуираните кризи, кои речиси дваесет години (од 2008 г. наваму) само го менуваат обликот, оставаат сериозни штетни последиици врз бизнисот и токму затоа Македонија треба да ја искористи оваа состојба и да се насочи кон користење на компаративните предности со кои располага. Една и клучна од сите е Вардарската Долина, која врзува два коридора во патната и железничката инфраструктура, што ја прави државата транзитно значајна дестинација.
Инаку, целта на обедувањето на компаниите во Групацијата при Комората е преку системско дејствување да може да ги компарираат податоците и фактите во интерес на иницирање решенија со кои во државата ќе се поттикне користењето еколошки поквалитетни нови моторни возила за што е потребно, со надлежните државни институции инволвирани во дејноста, да се добиваат податоци навремено и континуирано. На тој начин, како што посочуваат овластените увозници на моторни возила во Македонија, преку компаративни анализи ќе може да се предлагаат и креираат мерки и решенија со кои новите автомобили би биле поевтини на домашниот пазар, што ќе значи не само обнова на автопаркот на граѓаните, компаниите и правните субјекти, туку и помала емисија на CO2 гасови и почист воздух.
Генерално, проблемите на компаниите се повеќеслојни. Македонија сега има највисоки увозни царини во регионот, проблем е со Евро-4, кој дозволува увоз на 22-24 години стари моторни возила (Косово и Албанија до 10 години), данок за возилата (врз основа на вредност, но и на CO2 емисијата), одредени законски пропусти за електричните возила, се само некои од приоритетите што треба да се решаваат. Креирањето база на податоци се наметнува како приоритет за идното работење. Официјалните податоци на Статистика не се реални, во истата група се и трактори и сè друго, а компаниите ги доставуваат своите податоци до Министерството за внатрешни работи за продажба и извоз, што значи во институциите постои база на податоци.
Инаку, просечната старост на автомобилите во РСМ е 19,5 години, со што и прашањето за загадување станува приоритет за решавање. Дополнително, нелојална конкуренција претставува и продажбата на увезени моторни возила преку физички лице.
Фото: Стопанска комора