• понеделник, 23 декември 2024

Во Собранието презентирани извештаи од оценката на спроведурање на Законот за локална самоуправа и Законот за Градот Скопје

Во Собранието презентирани извештаи од оценката на спроведурање на Законот за локална самоуправа и Законот за Градот Скопје

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) - Неопходни се измени на Законот за локална самоуправа. Изминати се многу години од неговото донесување, односно во 2002 година. Праксата ни покажа делови во кои се појавиле недоречености, не толку добри формулации...Има голем простор за подобрување. Ова го истакна Маја Лазарова, национален програмски офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје на денешната седница на собраниската Комисија за локална самоуправа презентирајќи го Извештајот  од оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа.

Таа потенцира дека утврдено е дека постојат големи нејаснотии помеѓу законските одредби и праксата.

- Постои преклопување на надлежности, на локалната самоуправа и недостигаат соодветни финансиски средства за квалитетна имплементација на надлежностите. Постои висока зависност од трансфери од централната власт главно од наменските дотации каде што општините немаат флексибилност како ќе ги користат тие пари. Постојниот систем за еквилизација или порамнување за балансирање на тие диспаритети што постојат помеѓу општините недоволно ги урамнотежува јазовите во приходите по глава жител во руралните наспроти урбаните единици на локалната самоуправа. Проблем е квалификуваните кадри по единиците на локална самоуправа посебно во помалите општини каде тешко се наоѓаат квалификувани и квалитетни вработени, рече таа.

Главните препораки од извештајот се – првин да се појасни поделбата на надлежности, да се пренесат дополнителни надлежности на локалната самоуправа, значи да се зголеми степенот на функционална и финансиска автономија, да се обезбеди соодветно финансирање на локалната самоуправа, да се зголеми уделот на сопствени приходи во локалните буџети, да се воведе поширок систем за порамнување на намалување на хоризонталните диспаритети, да се зголеми дигитализацијата во функција на консолидирање на антикорупциските мерки.

Душко Тодоровски, национален програмски офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје презентирајќи го вториот Извештај од оценката на спроведувањето на Законот за Градот Скопје, нагласи дека проблемите во координација на локално ниво, особено поврзано со надлежностите во Градот Скопје, во голем дел, како што рече, зависат и од нејасно прецизираната законска рамка за поделба на надлежностите помеѓу Градот и општините кои се во рамки на Градот Скопје. Тој информира дека овие два извештаи се подготвени за потребите на Министерството за локална самоуправа, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ  во Скопје, кои се јавно достапни на веб сајтот на Министерството.

-Во однос на усогласенот на Законот за Градот Скопје со Уставот и со Законот за локална самоуправа заклучивме дека е потребна дополнителна правна анализа на сите релевантни акти и оценка на контекстот и целите на овој закон и на политиките посветени на развој на Градот Скопје. Потребно е да се направи и една меѓународна анализа на тоа како функционираат другите главни градови во државите од регионот, но и од Европската унија, за да можеме да видиме колку е нашиот систем компатибилен со сотојбите во Европа, рече тој.

Потенцира дека во членот 22 од Законот за локална самоуправа треба да се уреди кои надлежности се деливи, а кои неделиви и да има јасна дистинкција помеѓу тоа што е надлежност на Градот Скопје, а што на сите општини во рамки на Градот Скопје. Посочи дека треба да се преиспитаат формулациите на надлежностите кои се дефинирани во тој закон и да се усогласат со системските закони. 

-Тоа што отсуствува во Законот за Градот Скопје, а може да биде опфатено се елементи за меѓународна, меѓуопштинска соработка, соработка поврзана со подготовка на проектна документација за покрупни инвестиции, доуредување на транспарентноста, механизми за соработка помеѓу координативните тела на Градот и општините, подготовка на заеднички програми за поддршка на здруженија на граѓани и фондации и други заеднички програми кои ги таргетираат и младите и родовите прашања и ранливите групи во градот, рече Тородовски. фф/ац/

Фото: Принтскрин од видео

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан