• недела, 22 декември 2024

Во Скопје отворен Почесен конзулат на Грузија

Во Скопје отворен Почесен конзулат на Грузија
Скопје, 12 мај 2022 (МИА) - Во Република Северна Македонија денеска е отворен Почесен конзулат на Грузија со седиште во Скопје, со кој ќе раководи проф. д-р Марко Андонов, декан на Факултетот за правни науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје. Конзултатот треба да даде нов импулс во продлабочувањето на соработката помеѓу двете држави и народи во повеќе области по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Скопје и Тбилиси во 2019 година. На отворањето во присуство на претставници на деловната и академската заедница, МНР и дипломатскиот кор, како и државјани на Грузија кои живеат и работат во Република Северна Маакедонија. свои куси обраќање имаа почесниот конзул Андонов и амбасадорката на Грузија за С Македонија, со седиште во Скопје, Тамара Лилуашвили.
-Идејата е да се продлабочуваат односите во сите сфери од живеењето, прво да се биде сервис, попддршка на грузиските граѓани кои живеат и работат во Македонија, а воедно, ќе биде и можност за воспоставување релации на сите заинтересирани од кој било сектор од општественото живеење, како културата, образованието, деловната сфера итн. Веќе почнавме во изминатите неколку месеци со проекти, особено во доменот на високо образование, каде што веќе се потпишаа и одредени меморандуми за соработка, истакна проф. Андонов.
Според статистиката на Стопанската комора, економската соработка помеѓу двете држави за жал, не е на завидно ниво, вели почесниот конзул, а тоа, според него, се должи на досегашното немање дипломатски односи и релации помеѓу бизнисмените.
-Тоа е уште една на која ќе работиме заедно со Амбасадата на Грузија во Софија. Во тек е потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете стопански комори на Грузија и на Македонија, со цел да се продлабочи соработката и во тој домен. Се надеваме дека и тука ќе се покажат соодветни резултати во иднина, посочува Андонов, кој најголем потенцијал за соработка гледа во областа на туризмот, земјоделството, имајќи го предвид фактот дека виното е еден од најдобрите извозни продукти.
Амбасадорката Лилуашвили истакна дека двете нации се толку блиски, а толку далечни една од друга, бидејќи имаат многу сличности. Преку воспоставување на туристички тури ќе се обидат да се овозможат посети од двете земји за меѓусебно запознавање со убавините на секоја од нив. С Македонија неодамна стана членка на НАТО, а со оглед дека Грузија сака да стане членка на Алијансата, вели, имаме многу да научиме едни од други, да споделиме искуства. Тоа се однесува и за интеграцијата во ЕУ.
-Одблиску ја следиме интеграцијата на С Македонија во ЕУ, бидејќи таа е голем пример за нас, без оглед дали вратите се отворени или не. Се надеваме дека вратите ќе останат отворени и дека наскоро сите прашања ќе бидат решени и ќе ја видиме С Македонија како полноправна членка на ЕУ, а набрзо потоа и Грузија. Во актуелната ситуација со руската агресија, не само за Украина, туку важно е и малите нации да се држат заедно, да си помагаат во пристапувањето во членство во големото семејство, големите алијанси, да работат заедно за иднината на своите семејства, да живеат во мир, вели амбасадорката Лилуашвили.
За унапредување на билатералната соработка, особено во економијата и трговската размена, се согласува дека таа во моментов е незначителна, но гледа многу можности за нејзин раст, особено сега кога украинските пристаништа се нефункционални, а Грузија, вели, има неколку големи пристаништа на Црното Море.
-Се надевам дека С Македонија ќе ја искористи оваа можност. Меѓу можностите се и соработка на грузиски и македонски производители на вино за заеднички настап на големи странски пазари како што е Кина со која Грузија има договор за слободна трговија, а исто така и со Јужна Кореја, Индија, земји до кои сме поблиску, оценува Лилуашвили.
Грузиската заедница е мала и брои дваесетина членови кои живеат и работат во земјава.
Андонов е редовен професор и декан на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Негова специјалност е корпоративното право и правото на хартии од вредност. Освен во академската сфера, тој е присутен и во корпоративниот сектор како консултант од неговата област, а воедно е и член на неколку одбори на директори на успешни домашни компании. Бил дел од експертските тимови за подготовка на неколку закони и подзаконски акти од областа на финансискиот сектор, а има искуство како експерт-консултант и во меѓународни арбитражи. Повеќе од 10 години е редовен едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители на РСМ од сферата на Трговското право. Автор е на поголем број научни и стручни трудови објавени во релевантни странски и домашни списанија и публикации. вг/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан