• недела, 22 декември 2024

Во Скопје конференција „Светот во 2025 година, иднината започнува сега!“, како дел од франшизата на британскиот магазин The Economist 

Во Скопје конференција „Светот во 2025 година, иднината започнува сега!“, како дел од франшизата на британскиот магазин The Economist 

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Увид во клучните трендови што ја дефинираат глобалната економија, надградба на знаења и проширување на деловните хоризонти преку ексклузивни можности за вмрежување со највлијателните лидери во регионот и пошироко, овозможува конференцијата „The Economist MeetUp – The World Ahead 2025“ што денеска се одржува во Скопје во организација на Represent Communications Macedonia и Color Media Plus, како дел од франшизата на британскиот магазин The Economist.

На конференцијата, која кај нас се одржува по втор пат, присутни се визионери, лидери и иноватори кои ќе споделат искуства, видувања и предвидувања за тоа како ќе изгледа светот во 2025 година.

-Живееме во многу непредвидливи времиња во секоја сфера од животот, па и во економијата и затоа секоја издржана прогноза за движењето во годината која доаѓа е добредојдена. Претстојната 2025 ќе биде година на квантната наука и технологијата, а конфликтите негативно ќе се одразат врз туризмот, светло во тунелот е што се очекува дека со помош на вештачката интелигенција ќе биде откриена првата вакцина за борба против ракот, истакна Александар Наков, директорот на Color Media Plus, на отворањето на настанот.

Нагласи дека и насловната страна на годишникот „World Ahead“ е направена од вештачка интелигенција и е иста во сите 63 држави каде излегува истовремено. 

-Годинава имаме фантастична македонска секција и многу мудри и докажани бизнисмени, дипломати и функционери го споделија своите размислувања каде оди Македонија во 2025 година, посочи Наков.  

Наташа Божиновска Миркова, директорка на Represent Communications Macedonia, оцени дека конференцијата „Светот во 2025 година“ е настан кој ја става нашата држава во фокусот на глобалната бизнис заедница.

-Се собравме да погледнеме напред, да размислиме и да дебатираме како светот ќе се развива во 2025 година. Светот во 2025 не е само уште една конференција, ова е настан кој ги спојува најиновативните идеи, најпрогресивните бизнис лидери и најперспективните иницијативи со цел да го разгледаме глобалниот и регионалниот контекст кој ќе ја обликува нашата иднина, рече Божиновска Миркова.

Во ера на забрзани промени и трансформации, додаде, бизнисите се соочуваат со предизвици кои бараат брзи реакции, но и можности со визија и храброст.

-Тука на оваа сцена денес ќе слушнеме лидери кои ќе ги анализираат трендовите, технологиите и економските стратегии кои се очекува да доминираат следната година – од вештачката интелигенција и дигиталната трансформација преку разбирањето на финансиските пазари и новите генерации на инвеститори, дигиталното банкарство, финтек индустријата и иновациите во финансискиот сектор, па се до одржливоста и до зелената економија, потенцира Божиновска Миркова.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински во поздравниот говор на отворањето на конференцијата посочи дека јавните функционери може многу да научат од присутните на денешниот настан.

-Функционер на било кое ниво во власта кој барем еднаш во животот имал прилика да мултиплицира сопствени средства преку сопствен  бизнис многу подобро и многу поквалитетно ги извршува јавните функции отколку некој кој никогаш немал прилика да расте и се развива сам во рамки на бизнисот, рече Перински.

Нагласи дека комуникацијата меѓу власта и бизнисот мора да биде двонасочна улица доколку сакаме да имаме резултати. 

-Факт е дека нешто мора да се смени во државата. Но, ако не се смениме самите себеси нема да постигнеме ништо. Сакам оваа Влада да ја гледате како пријателски настроена кон бизнис секторот и кон граѓаните заради тоа што сите политики кои би требало да ги креираме треба да се базирани врз основа на потребите на граѓаните и на бизнис секторот ако сакаме да имаме раст и развој. Во спротивно нема да мрднеме од оваа точка каде што сме сега, им порача Перински на присутните.

Во рамките на настанот ќе се одржат четири панели - Дигитално банкарство и Fintech индустрија; Бизнис, закон и заедница: Влијанието на големите компании врз општествениот и економскиот раст; Иновации во финансискиот сектор: Нови технологии и инвестициски трендови; и Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници. Ексклузивните говорници ќе бидат Раде Ракочевиќ, основач на Senzal Capital, со три децении искуство на инвестициските пазари и уникатен пристап кон финансиската писменост и Небојша Матиќ, извршен директор на MikroElektronika, визионер кој од гаража создаде глобален успех со клиенти како NASA и Boeing, поставувајќи нови стандарди со четиридневната работна недела. На сцената ќе им се придружат и експерти од Пивара Скопје, Адора, Касис, Еос Матрикс, Дајнерс Македонија, Евротруст, Адвокатско друштво Пепељуговски, Бучим-Боров Дол, Иуте, Капитал Банка, како и истакнати консултанти од државата и пошироко.

Color Media Plus и Represent Communications Macedonia веќе седма година по ред ја имаат лиценцата  на годишникот на The Economist, „World Ahead“. Годишникот до пред три четири години излегуваше во 40 држави, а сега излегува во 63. Постои повеќе од 30 години и неговата содржина ја пишуваат уредниците, новинарите и стручњаците кои работат на неделникот на The Economist, а за годишното издание се засилени со анализи на врвни поранешни политичари и нобеловци.вј/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан