• понеделник, 23 декември 2024

Во Прилепскиот регион за 80 насто зголемен бројот на корисници на туѓа нега

Во Прилепскиот регион за 80 насто зголемен бројот на корисници на туѓа нега

Прилеп, 5 октомври 2024 (МИА) - За 80 проценти е зголемен бројот на корисници за помош и туѓа нега во последните пет години, вели Зоран Малкоски, в.д. директор на Центарот за социјални работи во Прилеп, надлежен за состојбите во Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Се намалува и старосната граница, а туѓа нега бараат и лица под 65 годишна возраст. Според анализите во Центарот, населениите старее, а болестите и зболувањата се зголемуваат.

-Направиме ретроспектива за изминатите години, бројката на корисници на правото на туѓа помош и нега, можам да кажам дека за пет години бројката е зголемена за 80 проценти. Или, ако пред 2016, 2017 или 2018 година сме имале околу 1 800 корисници, сега бројката е 3 120 корисници кои се во моментов активни и се на списокот за исплата на надоместот за помош и нега од друго лице. Тоа укажува на два сегмента, односно при нашите анализи се забележува дека едната компонента укажува дека населението старее, а другата компонента е дека населението е подложно на заболување од разни болести. Во последниот период забележително е дека барањата под 65 години се зголемуваат, а се наведуваат, посебно, карценогените заболувања, постоперативните третмани. Во последно време почести се психичките заболувања како деменции, артериосклерози, алцхајмерова болест, потоа се канцерогените заболувања, објаснува Малкоски.

Лекарската комисија е составена од офталмолог, интернист и психијатар се наоѓа во Здравствениот дом во Прилеп. Комисијата има законска обврска да издаде и времетраење на користењето на правото, од 6,12, 24 месеци или трајно, во зависност од проценетата здравствена состојба на пациентот.

-За оние лица поради тешката здравствена состојба кои не можат да се појават пред комисијата и нивниот транспорт е оневозможен, со доказ од матичен лекар, пред комисијата може да се појави нивен близок, сродник, член од семејството кој може да биде присутен пред комисијата која решава врз база на документацијата, вели Малкоски.

Од вклупно 3 120 корисници, во Кривогаштани се 184 активни корисници, во Долнени се 609, а во Прилеп се 2327 корисници на туѓа нега. ем/дма/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан