• понеделник, 23 декември 2024

Во прекин сообраќајот за тешки товарни возила на патот Маврово - Дебар, од утре летен режим за сообраќај за тешки товарни возила

Во прекин сообраќајот за тешки товарни возила на патот Маврово - Дебар,  од утре летен режим за сообраќај за тешки товарни возила

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Поради сообраќајна несреќа на регионалниот пат Маврово - Дебар, кај месноста Сенечки ливади, сообраќајот за тешки товарни возила е во прекин, додека патничкиот сообраќај се одвива непречено.

Како што соопшти АМСМ, од утре до 31 август на државните патишта во земјава се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на викендот и за денови при екстремно високи температури. Забраната се однесува за следните термини: петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.

На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали: петок од 15:00 до 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела од 07:00 до 22:00 часот.

Од АМСМ информираат дека поради асфалтирање на патниот правец Брезница – Македонски Брод низ НП „Јасен“ денеска се забранува секаков вид на сообраќај во период меѓу 8:00 и 15:00 часот. По завршување на работите сообраќајот ќе се одвива според стандардните термини.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. мд/цр

Фото:МИА

Остани поврзан