Во Пехчево промовирани книги за аутизмот од Амела Мемиш Апостоловска
- Во Домот на културата „Јане Сандански“ во Пехчево денеска се одржа промоција на книгите „Ангелот по име аутизам“ и „ Светот на аутизмот – Патувањето на Леон“ од авторката и психолог Амела Мемиш Апостоловска, посветени на аутизмот и на искуството на семејствата што живеат со оваа состојба.
Пехчево, 12 јануари 2026 (МИА) – Во Домот на културата „Јане Сандански“ во Пехчево денеска се одржа промоција на книгите „Ангелот по име аутизам“ и „ Светот на аутизмот – Патувањето на Леон“ од авторката и психолог Амела Мемиш Апостоловска, посветени на аутизмот и на искуството на семејствата што живеат со оваа состојба.
Настанот беше организиран од Општина Пехчево во соработка со Матичната библиотека „Кочо Рацин“ – Пехчево. На промоцијата учествуваа Габриела Костадинова, директор на библиотеката и модератор на настанот, Елица Јовевска, советник за планирање на локален економски развој и промотор на книгите, како и авторката Мемиш Апостоловска, дипломиран психолог со едукација од областа на социјалната политика и дефектологијата и активист за инклузија на лицата со аутизам.

Во своето обраќање, Мемиш Апостоловска истакна дека преку книгите се обидува да го прикаже аутизмот не како недостаток, туку како поинаков и автентичен начин на доживување на светот, со цел да се поттикне поголемо разбирање и прифаќање во општеството.
Книгите ги следат животот и развојот на Леон, дете со аутизам, и низ лична и емотивна перспектива ги отвораат темите на родителството, прифаќањето, комуникацијата и инклузијата.
За делата беа објавени и стручни рецензии од проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог и психотерапевт, во кои се нагласува дека книгите претставуваат значаен придонес кон демистификацијата на аутизмот и кон јакнењето на јавната свест за различностите.
Промоцијата во Пехчево беше проследена со интерес од публиката и со дискусија за потребата од поголема поддршка и разбирање за лицата со аутизам и нивните семејства. вс/вј/
Фото: МИА