• понеделник, 23 декември 2024

Во Пентагон средба на министрите за одбрана на САД и Израел

Во Пентагон средба на министрите за одбрана на САД и Израел

Вашингтон, 26 март 2024 (МИА) - Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска во Пентагон се сретна со својот израелски колега Јоав Галант во екот на тензиите во односите меѓу двете земји, поради несогласувањата околу најавената израелска копнена офанзива врз градот Рафа, на југот на Појасот Газа.

На почетокот на состанокот, Остин најави дискусии за алтернативни начини за борба против Хамас во Рафа и ги означи цивилните жртви во Газа „премногу високи“, а испораката на помош „премногу мала“.

Сепак, тој повтори дека Израел има право да се брани и дека САД секогаш ќе бидат тука да му помогнат.

Галант претходно најави дека на средбата со Остин ќе разговара како да се уништи Хамас и да се ослободат израелските заложници и како да се вратат раселените жители во нивните домови.

Остин не ги спомна заканите дека ќе ја ограничи или условува идната воена помош за Израел, а Галант рече дека ќе се разговара и за важната соработка меѓу двете земји за да се осигураат воените способности на Израел.

Состанокот, на кој присуствуваше генералот Чарлс К. Браун, претседател на Здружениот генералштаб на САД, доаѓа во време на широко распространето незадоволство поради ескалацијата на хуманитарната криза во Газа и политичко несогласување околу напорите за постигнување прекин на огнот. 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно ја откажа посетата на израелска делегација на САД, откако официјален Вашингтон гласаше воздржано и не стави вето на Резолуцијата усвоена во Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан