Во Охрид се одржува 14. Школа за млади лидери основана од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов
- Темата на овогодинешната Школа за млади лидери е „Едукација – трансформација – лидерство“ и на истата учествуваат четириесетина учесници од различни земји од светот, од Македонија, Србија, САД, Азербејџан, Турција, Јемен, Алжир, Нигерија, Германија, Филипини и Канада, кои своите знаења, вештини и амбиции за лидерство ќе ги градат и развиваат со повеќе од дваесет меѓународно признати професори, експерти од различни области, актуелни и поранешни политичари.
Охрид, 12 октомври 2023 (МИА) - Во Охрид синоќа започнаа сесиите во рамки на 14. Школа за млади лидери востановена од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Поранешниот претседател Иванов во обраќањето на младите лидери им посочи никогаш да не ја губат надежта и трпението, секогаш да размислуваат позитивно, да бидат подготвени континуирано да се образуваат и да се развиваат, а тоа можат да го постигнат со самокритичност, самодоверба и саморефлексија. Им посака да се стекнат со нови пријателства, нови лидерски вештини и нови знаења што ќе ги подготват полесно да се соочат со предизвиците на нивниот животен пат.
Поздравно обраќање пред младите лидери имапе и поранешниот претседавач на претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кој на учесниците им зборуваше за лидерството, за одлуките што треба да ги носат, истакнувајќи дека не сите одлуки ќе бидат прифатени од останатите, но тоа го посочи како одлика на вистинските лидери.
Школата за млади лидери на иницијатива на претседателот Иванов беше востановена на почетокот на неговиот прв мандат. Од 2010 година на досегашните 13 сесии на Школата учествуваа 509 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во склоп на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 322 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели. аб/дма/
Фото: Кабинет на Ѓорѓе Иванов