Во Општина Гази Баба започна кампањата „Не молчи пријави! Заедно против корупцијата!“
- Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски ја промовира платформата „Нулта толеранција за корупцијата во Општина Гази Баба“, во чии рамки од денеска се спроведува кампањата „Не молчи при
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски ја промовира платформата „Нулта толеранција за корупцијата во Општина Гази Баба“, во чии рамки од денеска се спроведува кампањата „Не молчи пријави! Заедно против корупцијата!“.
Како што информира Општина Гази Баба, од денеска секој граѓанин има можност да пријави корупција 24 часа со повик, СМС или порака на Вибер на 075/346-938, на е-маил: prijavikorupcija@gazibaba.gov.mk или директно кај определен службеник во Кабинетот на градоначалникот.
- Во општина Гази Баба нема да се толерира коруптивно однесување. Во Општина Гази Баба нема да се толерира која било друга форма на неетичко, казниво или друго незаконито однесување. Општина Гази Баба се стреми кон развој на силна организациска структура и кохерентен систем за управување со интегритет, напиша Стефковски на својата официјална страна на Фејсбук.
Стефковски потсетува и дека ја воведе Политиката на интегритет.
- Во изминатиот период по моето доаѓање во Општината, поаѓајќи од заложбите за владеење на правото, обезбедување на одржлив економски и општествен развој, поттикнување на јавната доверба во локалните власти, целосно и непречено остварување на правата и слободите на граѓаните ја воведов Политиката на интегритет во која се утврдени начелата за идната работа на администрацијата и истата ја доставив до Државната комисија за спречување на корупцијата како надлежен орган во Република Македонија, напиша Стефковски на Фејсбук. мд/сп/