Во Националната галерија отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“
- Изложбата која е посветена на 140 години од првото издание на „Авантурите на Пинокио“ содржи избор на дизјанерски проекти на италијански компании кои го слават митот за Џепето, првиот италијански дизајнер. Таа е дел од активностите за деновите на италијански дизајн во Скопје што ги организираат Амбасадата на Италија и ИТА - Italian Trade Agency.
Скопје, 14 март 2024 (МИА) – Околу 60 продукти изработени од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери се дел од изложбатата „Најдрагиот Пинокио“ која беше отворена денеска во Националната Галерија Чифте амам во рамките на Деновите на италијански дизајн во Скопје.
Изложбата која е посветена на 140 години од првото издание на „Авантурите на Пинокио“ содржи избор на дизајнерски проекти на италијански компании кои го слават митот за Џепето, првиот италијански дизајнер. Таа е дел од активностите за деновите на италијански дизајн во Скопје што ги организираат Амбасадата на Италија и ИТА - Italian Trade Agency.
Директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, на отворањето на изложбата информираше дека Македонија е втората земја, по изложбата во Милано, каде што можат да се видат овие продукти.
- Креиран од музејот АДИ од Милано, и токму после Милано првата земја каде што се претставува е токму нашата земја. Изложбата допира повеќе културолошки и хуманистички аспекти, освен што е поврзување на литературата и дизајнот. Станува збор за инклузивна изложба погодна и за деца и за возрасни, рече таа.
Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, истакна дека оваа изложба ја презентира можноста на италијанскиот дизајн да креира безвременски објекти посветени на најпознатиот италијански карактер Пинокио.
- Изложбата ќе биде отворена до 28 март. Поголем дел од посетите се веќе закажани, од децата од основни училишта до децата со попреченост. Ќе организираме работилница за деца на која ќе ја изработуваат куклата Пинокио од дрва и други материјали, рече амбасадорот Силвестри.
Лука Мадонини, дизајнер и еден од кураторите информираше дека изложбата е составена од 60 продукти изработена од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери.
- Резултатот е колекција која ја раскажува комплексноста на приказната на Пинокио и неговите авантури. Тешко дека во изложбата можете да најдете двајца слични Пинокио. Таа е поделена во два дела. Првиот дел е составен од вистински објекти, вазни, држачи за свеќи и слично, а во вториот дел има дрвени играчки направени од различни италијански компании, појасни тој.
На отворањето на изложбата, амбасадорот Силвестри, ја одликуваше директорката на Националната Галерија, Дита Старова Ќерими со признанието - орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија”, што го доделува претседателот на Републиката за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Република Италија, соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на италијанскиот министер за надворешни работи.
„Ordine della Stella d’Italia“ е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.
Дита Старова Ќерими (1984) е академски сликар, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. ар/лв/
Фото: МИА