Во МКЦ отворена првата самостојна изложба на Александар Томовски
- На првата самостојна изложба на Александар Томовски која вчеравечер беше отворена во МКЦ беа изложени дела што прикажуваат балерини, но во една поинаква средина - зад кулисите.
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - На првата самостојна изложба на Александар Томовски која вчеравечер беше отворена во МКЦ беа изложени дела што прикажуваат балерини, но во една поинаква средина - зад кулисите.
Томовски во своите црно-бели фотографии го доловува светот каде што место во вообичаената сценска поставка ги гледаме балерините без аудиториумот од кој некогаш сме дел и самите. Прикажувајќи ги сами со себе авторот го доловува сиот напор што го вложуваат, некогаш на граница на возможното за човековото тело.
- Сум фотографирал инсекти, ѕвезди, природа, портрети, улици, настани. Но, балетската фотографија за мене носи најголеми предизвици, ама затоа и најмногу наградува. Приказната започна пред неколку години во холот на МОБ, иако длабоко во себе верувам дека започнала многу порано, но ги чекала своите време и простор за да се реализира. Беше дел од работилница со трите балерини Мила, Христина и Медина, кои, преморени од подготовките за „Лебедово езеро“, го прифатија предизвикот. Мило ми е дека освен фотографиите создадовме многу повеќе – енергија и пријателство што траат до ден денес. Од тогаш до денес немам пропуштено балет, бев маѓепсан од убавината и нивната чудесна игра на сцената, но и заинтригиран да ѕирнам што се случува и кои приказни се кријат зад кулисите, го објаснува Томовски проектот.
Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 23 октомври. мс/аа/