• понеделник, 23 декември 2024

Во Куманово социјален дијалог во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“

Во Куманово социјален дијалог во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“
Куманово, 6 февруари 2023 (МИА) - Претставници од компании од Куманово, училиштата, претставници од МОН и од локална самоуправа денеска присуствуваа на социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, во организација на МОН и секторот за образование во занаетчискиот дом.
 
Локалната бизнис-заедница веќе извесен период бара стручни работници и се жали на недостиг на квалификувана работна сила, иако последниве години расте бројот на ученици кои се вклучени во средните стручни училишта и во дуалните паралелки, а зголемен е и бројот на компаниите приклучени на оваа кампања.

Министерот за образование Јетон Шаќири смета дека преку овој настан ќе имаат детален увид за потребите на бизнис заедницата за проблемот што веќе е познат во пошироката јавност.

- Денеска е можност да слушнеме од компаниите од локалната самоуправа, за еден од поважните проблеми коишто се познати во општеството, дека немаме подготвен стручен кадар потребен за приватниот сектор. Преку овие социјални дијалози ние ќе видиме што му е потребно и каква потреба ќе има понатаму. Не треба да застанеме тука. Добар показател е што имаме поголема бројка на запишани ученици во стручното образование и во дуалните паралелки. Како што поминува времето и бројот на компании кои се вклучени е двојно повеќе од претходната година, изјави министерот за образование и наука.

Како Влада, посочи министерот, ќе се разгледаат сите можности во делот на добри, ефикасни пакет мерки, со кои, нагласи Шаќири, ќе се стимулираат компаниите кои ќе го вработат стручниот кадар кој ќе заврши во стручното образование.

  • Во тие пакет мерки да имаат ослободување или олеснување за да можат што да вработат, исто така и во делот на Законот за стручно образование. Ме радува фактот што после една година дискусии за законот за средно и за стручно ќе бидат предложени до Влада и после до собрание, за да овие работи што ги кажуваме да бидат уредени со закон, кажа министерот.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека средбата има за цел да го унапреди процесот на креирање на стручен кадар за потребите на локалната бизнис-заедница. Бизнис заедницата веќе се пожалила до локалната самоуправа дека недостигаат занаетчии од повеќе профили.

- Со воведување на средното како задолжително замреа занаетите. Првенствено метална индустрија заварувачи, едуциран кадар во делот на занаетчиските работи. Куманово е град на металургијата, тука е најголема фабрика за производство на цевки и профили, дополнително профункционира фабрика за изработка на челични конструкции, има и други инвеститори. Се соочуваат, имаат проблем да најдат 25 општи работници за плата од над 400 евра. Во Бирото се евидентирани над 9.000 невработени лица, а за жал мал интерес за работа. Сите некако сакаат да работата во државни институции, изјави Димитриевски.

Тој вели дека е важно да се доквалификува работната сила за потребите на приватниот сектор во Куманово, да се подготват и за високо образование, но и по завршувањето на средното образование да бидат работоспособни.

Кампањата „Учи паметно работи стручно“ е поддржана од Стопанската комора и од амбасадата на Швајцарија. ам/цр

Остани поврзан