Во Кочани промовиран проект за зголемување на инклузивноста на млади со посебни потреби
- Во Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани денеска беше промовиран проектот „Зголемување на инклузивноста за млади со посебни потреби преку мултидисциплинарен пристап“, насочен кон создавање инклузивна и поддржувачка средина за младите со посебни потреби.
Кочани, 24 декември 2025 (МИА) - Во Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани денеска беше промовиран проектот „Зголемување на инклузивноста за млади со посебни потреби преку мултидисциплинарен пристап“, насочен кон создавање инклузивна и поддржувачка средина за младите со посебни потреби.
Главната цел на проектот е развој на специјално приспособена програма која вклучува активности од различни области, како што се драма, танц, уметност, јога и спорт, со цел поттикнување на личниот развој и социјалната интеграција на младите.
Меѓу специфичните цели се развој на инклузивни образовни програми, воспоставување транснационален инклузивен клуб, промовирање на социјалната интеграција преку заеднички активности и тимска работа меѓу средношколците и младите со посебни потреби, како и зголемување на свесноста за важноста на инклузијата кај локалните власти, родителите, наставниците и пошироката заедница.
Во очекуваните резултати од проектот спаѓаат: креирани и имплементирани 5 модули за обука за наставници; воспоставен транснационален инклузивен клуб со 4 филијали; 16 обучени наставници како инструктори и ментори; подготвен документ за стратешко партнерство со препораки за подобрување на локалните политики...
Одржливоста на проектот е планирана преку инфраструктурата, човечките и финансиските ресурси, институционалната поддршка и создавањето транснационална мрежа.
Проектот вклучува 9 партнерски организации од 4 европски земји: Македонија, Португалија, Грција и Хрватска, а трае 2 години, до крајот на 2026 година. ис/дма/
Фото: СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани