Во Кавадарци одбележан месецот за борба против рак на дојка
- Со панел-дискусија, во Кавадарци синоќа беше одбележан месецот за борба против рак на дојка. Настанот што беше и своевидно потсетување на кавадарчанката Мери Парчева, која водеше борба против ракот, го организираа Комисија за еднакви можности при Општината и аптеките „Бела фарм“.
Кавадарци, 30 октомври 2024 (МИА) – Со панел-дискусија, во Кавадарци синоќа беше одбележан месецот за борба против рак на дојка. Настанот што беше и своевидно потсетување на кавадарчанката Мери Парчева, која водеше борба против ракот, го организираа Комисија за еднакви можности при Општината и аптеките „Бела фарм“.
Пред присутните говореше Марија Камчева, координаторка за родова еднаквост при кавадаречката локална самоуправа.
На панел дискусијата се обратија директорката на болницата, специјалист доктор Гордана Ѓорчева Камчева, фармацевтот Катерина Арсовска, специјалист доктор Светлана Темелковска од Клиника за радиологија, Тереза Балалоска како онколошки пациент и Сашка Кузманова, сопственичка на „Инфинити лајф КС“.
Темелковска истакна дека раната детекција е клучна во третманот и исходот на болеста рак на дојка. Таа е претседател на националната комисија за скрининг на рак на дојка.
Докторката потсети дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените во светот и во нашата држава и дека после педесет години работа со скрининг програма во сите развиени земји во светот, докажано е дека се намалува смртноста од рак на дојка, со повеќе од 40 проценти.
- Ако жената нема никакви симптоми и ние во скрининг програмата ги најдеме најраните знаци дека нешто тука се случува и веднаш направиме ехо и биопсија, нејзиниот живот ќе биде продолжен. Исто така таа жена нема да треба да биде подложена на тешки хемотерапии и зрачна терапија, истакна Темелковска, долги години вработена како специјалист радиолог во Институтот за радиологија Скопје.
Докторката додаде дека за жал, скрининг програмата во државата во одредени периоди од минатото, немала свој континуитет, од различни причини, меѓу другото и поради ковид пандемија.
- За наша среќа, на радиолозите, од пред две години, одговорна за малигните програми, е доктор Елена Ристоска. Таа е и советник на министерот за здравство, упатена во оваа проблематика и има слух за нашите барања и предлози за унапредување на скрининг програмата во македонското здравство. Далеку сме од идеално, но после долго време, имаме една основа за добра скрининг програма, нагласи таа. свд/ир/
Фото: МИА