• четврток, 21 ноември 2024

Во Кавадарци обука за женско претприемништво

Во Кавадарци обука за женско претприемништво

Кавадарци, 15 јануари 2024 (МИА) - Радува фактот што расте бројот на жените претприемачи, неопходен е раст на платите на жените работнички и раст на бројот на жените на раководни функции. Ова, меѓу другото, беше кажано на денешната обука за женско претприемништво, што се одржа во Кавадарци. Настанот беше во организација на Комисија за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа, а со поддршка на УНДП, во реализација на Националната платформа за женско претприемништво. На обуката на тема „Цели за одржлив развој и циркуларна економија", обучувач беше Валентина Дисоска, претседател на Здружение на бизнис жени и
Национална платформа за женско претприемништво. Таа го сподели и своето лично искуство. 

- Радува формирањето на Совет за женско претприемништво во Кавадарци и идејата да се формира во Неготино, за тоа како да се развива овој плански регион. Преку Советот може да се работи на тој план. Општините се многу важни за развојот на женското претприемништво, за да се има каде да се тропне. Да се работи на одржлив развој како додадена вредност. Радува фактот што десетина претставнички на денешната средба, веќе работат на одржлив развој, рече Дисоска, зборувајќи за целите за одржлив развој. 

Таа, меѓу другото, говореше и за климатските промени и како тие влијаат, за потребата од што е можно поеколошко производство, а се осврна и на значењето на циркуларната економија. 

Координаторот за еднакви можности при кавадаречката локална самоуправа, Марија Камчева рече дека јакнењето на женското претприемништво останува една од стратешките цели во општината. 

- Целта на оваа обука е и подигнување на свеста кај  жените претприемачи, да се укаже на животната средина при водење на бизнисот. Бидејќи, жените претприемачи треба да бидат двигатели на бизнисите и општеството. Едукацијата е многу битна, таа е билет за развој на економијата, нагласи Камчева. 

Кавадарчанката Елизабета Сакалиева, сподели за МИА дека со години работела по маркети, од почетна до раководна позиција, а од неодамна отвори свој сопствен бизнис во малопродажба, а истовремено се ангажира уште во неколку други бизнис активности. 

- Жените докажуваат секојдневно дека можат, тие полека но сигурно си го наоѓаат своето место во општеството што го заслужуваат, подвлече Сакалиева. 

Кристина Тодорова од Неготино,  дипломиран земјоделски инженер, проектен координатор во социјално претпријатие, сподели  за МИА дека одгледуваат печурки и претставуваат сервис за едукација на социјални случаи, за производство на печурки. Таа истакна дека тие веќе практикуваат одржлив развој. 

- Целта ни е да раснеме и понатаму во делот на циркуларната економија, додаде таа. 

Наталија Славева - Тодорова од Кавадарци,  истакна дека ја напуштила административната работа во локалната самоуправа и отворила маркетинг агенција. Таа рече дека сега работи на полето на претприемништвото и порача, сите што можат, да го искористат сопствениот потенцијал и да развиваат сопствени бизниси. 

Нејзината сограѓанка, Македонка Илиевска, претставник на авто-школа, рече дека радува фактот што расте бројот на жените возачи, но и жени возачи - инструктори. Ангела Милева од Кавадарци, пак, се осврна на традицијата на резбарство во дрво во нивната фамилија и развивање на копаничарството и резбарскиот туризам, споено со специјалитети од тиквешкото поднебје. свд/сст/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан