Во делчевското село Киселица осветен храмот посветен на Св. Ѓорѓи
- Во делчевското село Киселица денеска беше осветен црковниот храм Св. Ѓорѓи. Манастирот кој е изграден 2013 година, денеска го освети епископот на Делчевско-каменичката епархија г. Марко, кој изрази благодарност до ктиторите и другите помагатели кои помогнале во овој дел на Делчево мештаните пред 12 години да добијат црковно светилиште.
Делчево, 24 април 2025 (МИА) - Во делчевското село Киселица денеска беше осветен црковниот храм Св. Ѓорѓи. Манастирот кој е изграден 2013 година, денеска го освети епископот на Делчевско-каменичката епархија г. Марко, кој изрази благодарност до ктиторите и другите помагатели кои помогнале во овој дел на Делчево мештаните пред 12 години да добијат црковно светилиште.
-Покрај Воскресението Христово уште една радост имаме денес денес, а тоа е да го осветиме овој храм посветен на Св Ѓорѓи. Што е поголемо сведоштво за Христовото Воскресение освен мачениците. Ако тие не беа врзани за Бога, ако не сведочеа за Воскресението, тогаш сигурно нивните имиња немаше да се спомнувааат, и ден денеска немаше да се случуваат чуда на нивните мошти и немаше луѓето да градат храмови во нивна чест. Но токму во мачениците пребива самиот воскреснат Господ Исус Христос. Токму заради тоа ние денеска се трудиме и доаѓаме овде, иако овој храм е подалеку, доаѓаме да го осветиме и да го направиме жртвеник на Бога, за да го наравиме да се принесуваат овде лебот и виното како телото и крвта христови, рече г. Марко.

Ктитори на храмот се иселениците Горан и Билјана Петровски кои во 2013 година ја завршија изградбата на црквата која започна една година порано. Самото место каде се изграде храмот Св.Ѓорѓи како што велат верници кои денес присуствуваа на осветувањето е живописен предел, кој за викенди го посетуваат луѓе кои потекнуваат од овој крај.
-Моментално жители овде речиси и да нема, иако секојдневно од Делчево доаѓаат луѓе кои потекнуваат од село Киселица и имаат свој имот тука. Овде погоре е Киселичката Пештера, селскиот дом кој е во распаѓање, потоа во близина на границата со Бугарија има син камен кој може да се употребува за изработка на плочки. Карактеристично е тоа што луѓето од овде порано оделе на пазар во Ќустендил бидејќи им било поблизу, вели Димитар Стоименовски кој потекнува од село Киселица.
Ктиторите рекоа дека освен за Ѓурѓовден, овде се собираат и запразникот Св.Кирил и Методиј. вс/дма/
Фото: МИА архива