• недела, 07 јули 2024

Во Делчево хуманитарна акција по повод Денот на солидарноста

Во Делчево хуманитарна акција по повод Денот на солидарноста

Делчево, 20 декември 2023 (МИА) - Во Делчево се реализираше традиционалната хуманитарна акција по повод новогодишните празници и Денот на солидарноста, 20 Декември. За таа цел Општина Делчево заедно со компанијата „Зегин“ поделија 40 пакети со храна за ранливите категории граѓани.

-Пакетите се дистрибуирани до Општинската организација на Здружението на пензионерите во Делчево, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево, како и до Џамискиот одбор на градската џамија „Султан Мехмед Фатих ıı“. Истите потоа ќе бидат распределени до социјално загрозените граѓани и верниците на кои оваа помош им е непоходна и добредојдена, информираа од Општината.

По овој повод, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски потенцираше дека декември како месец на радост, прослава, топлина, давање, дружење и помагање, исто така, е и месец во кој се слави Меѓународниот ден на човечката солидарност, 20 Декември. 

- Денеска е ден како потсетник за важноста на солидарноста, ден кој ги поврзува и обединува народите. Важно е да им помагаме на другите во тешките моменти, да се радуваме на туѓите успеси, да сочувствуваме со другите. Солидарноста, сочувството и помагањето на другите, се благородни особини кон кои општеството и поединецот треба постојано да се стремат, рече Трајковски.

Акцијата на територијата на Општина Делчево се спроведува шеста година по ред, а во истата се вклулуваат и други општествено одговорни компании и поединци. вс/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан