• недела, 22 декември 2024

Во Дебар промоција на книгата „Дебарско-охридското востание од 1913 година“ српски документи

Во Дебар промоција на книгата „Дебарско-охридското востание од 1913 година“ српски документи

Дебар, 3 октомври 2023 (МИА) - Во организација на Државниот архив на Северна Македонија и општина Дебар денеска беше промовирана книгата „Дебарско-охридското востание од 1913 година“ српски документи, на авторот проф. д-р Музафер Бислими, актуелен заменик директор на Државниот архив.

На промоцијата, на која присуствуваа преставници од централната и локалната власт, на институции, граѓанскиот секор и историчари, се обрати градоначаникот Хекуран Дука.

-Имам посебна чест, како градоначалник да присуствувам на овој значаен собир, кој го организираме заедно со Државниот архив посветен на овој значаен настан за септемвриското востание во 1913 година. Ова е еден од најзначајните настани, кој зазема посебно место во историјата на Дебар и пошироко. Денот, 23 септември, кога почнало востанието и подрачјето е ослободено од српскиот окупатор, со одлука на Советот на општината, од пред неколку години е прогласен за ден на општината, рече Дука.

За ова дело промотор на македонски јазик беше Никола Митровиќ, кој воедно е и рецензентот.

-Овој зборник на документи го пополнува празното место на историографијата. Токму денес проф. д-р Музафер Бислими, посветен научник, меѓу другото и експерт за дебарско-охриското востание, успеа преку неговиот најнов труд и заложба да ги открие документите од српска провениенција директно креирани за значајноста на дебарско-охридското востание. И не само да ги пронајде туку и да ги протолкува. Значењето на „српските документи за дебарско-охридското востание 1913 година“ кои го опишуваат ова востание претставува чин на неизбришлива трага која ќе остане за навек во научните анали, рече Митровиќ.

Додаде дека ова востание до ден денес изобилуваше со сè уште огромен број неоткриени работи и факти, а со нивно просветлување, како приказот на документите, се повеќе се дообјаснува и значењето и грандиозноста на самото востание.

На албански јазик промотор беше професорката Ќендреса Пачуку.

Откако пренесе поздрав од директорот на Државниот архив, Емил Крстевски, кој поради оправдани прчини не присуствуваше на промоцијата, авторот Бислими, направи кус пресек на активностите на востанието, во кое учествувале Албанци, Македонци и други кои живееле на овие простори.

-Нема многу да зборувам бидејќи промоторите кажаа многу. Сакам само да нагласам дека востанието во албанската исторја се споменува како дебарско, во македонската дебарско, како и дебарско-охридско или само охридско. Како да се нарекува не е грешка бидејќи во него биле вклучени жителите независно од етничката припадност од пошорокиот регион, Дебар, Струга, Охрид, Преспа. Ова востание зборува токму за соработката на овие простори. Во текот на истражувањето на српските документи пронајдов и примерок од првиот печат на Дебар на кого на турски јазик пишува „привремена влада на Дебар“, рече меѓу другото Бислими.

Примерок од печатот тој и додели на општина Дебар, како и на градскиот музеј.

Најави дека Државниот архив ја поддржал иницијативата на општина Велес, за пренос на посмртните останки на Панко Брашнаров, чиј гроб е на Мирогој, каде бил погребан по смртта на Голи Оток. вт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан