• вторник, 05 ноември 2024

Во Дебар поставен првиот полнач за електрични возила

Во Дебар поставен првиот полнач за електрични возила

Дебар, 22 април 2024 (МИА) – Сопствениците на електрични возила, жители на поширокиот дебарски регион, случајни или намерни патници, но и оние од соседните албански населени места, можат своите патнички возила да ги полнат со струја на засега единствениот полнач со електрични возила, кој е во склоп на бензинската пумпа „Прима петрол компани“ и хотел „Леон“.

Всушност ова е прв полнач не само во Дебар туку и во поширокиот дебарски регион, долнореканскиот крај до Маврово, потоа општина Центар Жупа, албанскиот округ Пешкопеја, вклучително и областа Голо Брдо, подрачја познати по масовната миграција, што подразбира дека дел од иселениците во родниот крај доаѓаат со возила на електричен погон и за полнење мора да одат до Охрид.

- Ова е потреба на времето, инвестиција за во иднина која ќе биде се побарана. Моментно нема многу возила на струја, меѓу другото и поради тоа што нема потребна инфраструктура, полначи и одлично. Инсталиравме AC полнач со моќност од 22 киловатчасови а во наредниот период планираме поставување на уште еден DC-120 квч полнач, со кој полнењето на возилата би било побрзо, рече за МИА, Абдул Војника, сопственик на бензинската пумпа.

Додава дека електричната енергија е 100 отсто еколошка, произведена од сопствената фотонапонска централа.

Според Војника, бенефитите од овие возила се очигледни-покрај поевтината струја, најважно е што електричните возила не испуштаат штетни гасови.

Во западноевропските земји, каде што живеат и работат голем број жители од овој регион, се побројни се сопствениците на електрични возила. Колку за илустрација, според медиумите, на пример, Германија бара од сите бензински пумпи во земјата да имаат полначи наменети за електрични возила, а во проектот ќе бидат вложени 130 милијарди евра вклучувајќи ги и субвенциите за купување на електричен автомобил. вт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан