• четврток, 04 јули 2024

Во Дагестан привремено забрането носењето никаб

Во Дагестан привремено забрането носењето никаб

Москва, 3 јули 2024 (МИА) – Во Дагестан, претежно муслиманската руска кавкаска република, носењето никаб, превез што го покрива лицето, е привремено забрането поради „безбедносни“ причини, по неодамнешните напади на цркви и синагоги.

Превезот, кој го покрива лицето и ги остава отворени само очите, „привремено е забранет до елиминација на постоечките закани“, соопшти денеска највисоката муслиманска верска власт во Дагестан во видео порака преку својот профил на Телеграм.

Забраната се образложува со загрозувањето на безбедноста на населението на републиката во која живеат три милиони луѓе, на што укажа и министерството задолжено за прашања за националност и религија.

На 23 јуни, напаѓачи под се уште неразјаснети околности во исто време нападнаа две православни цркви и две синагоги, како и полициски контролен пункт во Дагестан.

Во нападите, за кои сè уште никој не ја презеде одговорноста, загинаа 22 лица, главно полицајци. Кон крајот на јуни истражителите објавија дека меѓу жртвите има и православен свештеник.

Нападите беа извршени три месеци по нападот на концертната сала „Крокус сити хол“ во предградието на Москва, во кој беа убиени 145 лица, за кој одговорност презеде исламистичката организација Исламска држава.

Малку детали се објавени за идентитетот и мотивите на напаѓачите во Дагестан. Според властите, неколку од нив биле убиени. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан