Во грчкиот парк Дадиа регистриран рекорден број гнезда на загрозениот црн мршојадец
- Во Националниот парк Дадиа – Лефкими – Суфли во североисточна Грција, што во 2023 година беше зафатен од голем пожар, а претставува дом на загрозениот вид на црн мршојадец, сега, речиси две години подоцна, регистрирани се 46 активни гнезда, што претставува рекорден број во изминатите 30 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 7 мај 2025 (МИА) – Во Националниот парк Дадиа – Лефкими – Суфли во североисточна Грција, што во 2023 година беше зафатен од голем пожар, а претставува дом на загрозениот вид на црн мршојадец, сега, речиси две години подоцна, регистрирани се 46 активни гнезда, што претставува рекорден број во изминатите 30 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Организацијата за природна животна средина и климатски промени (ОФИПЕКА), што е надлежна за управување со заштитени подрачја, информираа дека „ова е најголемата колонија за размножување на строго заштитениот вид на Балканот“.
- Почеток на мај е и во шумата Дадиа првите пилиња на црниот мршојадец почнаа да излегуваат од своите гнезда! Црниот мршојадец е еден од видовите птици со најдолг период на размножување, бидејќи гнездењето започнува кон крајот на јануари, додека младите птици ги напуштаат своите гнезда кон крајот на август. Додека пилињата растат во гнездата, родителите се особено заштитнички настроени, бидејќи се обидуваат да ги заштитат од грабливците, како што се гавраните, но и од временските услови (дожд или високи температури), соопштија од ОФИПЕКА.
Дополнително, додадоа дека преку нивната единица за управување со националните паркови ги поддржуваат црните мршојадци за време на репродукцијата, со оставање храна за да не мора родителите да патуваат на долги растојанија во потрага по храна, а паралелно ги следат и гнездата на птицата што е еден од најзагрозените видови птици во Европа.
Во пожарот во текот на летото во 2023 година изгоре значителен дел од Националниот парк Дадиа – Лефкими – Суфли, а околу шест месеци подоцна од Агенцијата за природна средина и климатски промени во поставија 15 вештачки гнезда за црниот мршојадец со цел да се обезбедат соодветни места за периодот на размножување.
Црниот мршојадец, најголемата птица грабливка во Европа, своето гнездо со дијаметар од над два метри, го гради на врвовите на зрели дрвја, а Националниот парк во Еврос е домаќин на единствената природна колонија од овој вид на Балканот, што во изминатите години беше со просек од 30-36 парови за размножување, а оваа година се регистрирани рекордни 46 активни гнезда.
Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми, што се наоѓа во областа Еврос во североисточниот дел на Грција е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво и е една од првите области во земјата што е прогласена за заштитена бидејќи таму коегзистираат голем број видови флора и фауна.
Дом е на три од вкупно четири европски видови мршојадци и е едно од ретките засолништа за 36 различни видови загрозени грабливци.
Националниот парк беше зафатен од пожари во 2011, 2022 и најголемиот во 2023 година, кога изгоре голема површина од заштитениот регион Натура 2000. ср/
Фото: Организација за природна животна средина и климатски промени на Грција