• понеделник, 23 декември 2024

Во Грција и оваа година ќе бидат воведени „Божиќна кошничка“ и „Кошничка на Дедо Мраз“

Во Грција и оваа година ќе бидат воведени „Божиќна кошничка“ и „Кошничка на Дедо Мраз“

Атина, 9 декември 2024 (МИА) – Традиционалните кошнички за празниците што во изминатите години се воведуваат во грчките маркети и продавници и вклучуваат сезонски производи, нема да изостанат ни за божиќните и новогодишните празници, според она што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го најави на Фејсбук, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис соопшти дека од среда, постоечката „Кошничка за домаќинствата“ се проширува со шест дополнителни категории производи, неопходни за празничната трпеза, па така „Божиќната кошничка“ ќе вклучува мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача, додека пак од 18 декември ќе стартува „Кошничката на Дедо Мраз“ со десет категории на играчки за најмладите.

-Божиќ секогаш им носи радост на семејствата, а особено на децата. Но, значи и дополнителни потреби за возрасните. Затоа, државата мора да биде покрај нив. Не само со општи мерки кои ја подобруваат заработката или ги намалуваат даноците. Туку и со насочени иницијативи за трошоците за празниците, напиша Мицотакис на Фејсбук.

Додаде дека поддршката на семејството „беше и останува приоритет за Владата“.

„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година и содржи над 50 основни производи, а пракса на грчката Влада е во одредени периоди од годината, како што се Божиќ и Велигден да се дополнува со сезонски продукти. ср/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан