• понеделник, 23 декември 2024

Во Венеција прикажан филмот „Татами“, режиран од Иранка и Израелец

Во Венеција прикажан филмот „Татами“, режиран од Иранка и Израелец

Венеција, 4 септември 2023 (МИА) - Филм на двајца режисери од Иран и Израел е прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција. Се работи за соработката на филмаџии од „заколнати“ непријателски земји.

- Во Израел многу се пишуваше за филмот, бидејќи луѓето гледаат нешто револуционерно во нашата соработка, вели режисерот Гуј Натив, кој се надева дека соработката ќе продолжи и во други области.

Филмот „Татами“ ќе се појави во кината во 2024 година и веќе е продаден во неколку европски земји. Приказната е за борбата на иранската атлетичарка Лејла и нејзината жена-тренер Мерјам, кои одбиваат указ на својата земја и се повлекуваат од светското првенство во џудо за спортистката да не мора да се натпреварува со израелска противничка.

- На училиште научив дека Израел не постои... Значи, не смееме да работиме заедно, да се дружиме или да се натпреваруваме против „замислен“ противник, изјави Захра Амир Ебрахим, режисерката на филмот која ја глуми и улогата на тренерот.

Ебрахим е родена во Техеран, но живее во Франција и затоа има слобода да снима филм кој има „и политичка димензија“.

Иранката, инаку наградена за најдобра глумица во Кан 2022 година за трилерот на Али Абаси којшто следи сериски убиец на проститутки во Иран, истакнува дека во нејзината земја филмските работници не смеат да ја кажат целата вистина.

- Може да се начнат некои теми, но откривајќи само половина од вистината, рече таа за Иран, каде што се затворени познати режисери, како Џафар Панахи и Мохамед Расулоф, обвинети за ширење пропаганда.

Во Иран се одржуваат протести од септември 2022 година против смртта на Махса Амини, 22-годишна Курдка која почина во притвор затоа што носела хиџаб неправилно.

- Верувам дека жените ја менуваат состојбата и нема враќање назад. Трогната сум од нивната храброст, особено младата генерација и ново е што мажите ги поддржуваат во тоа, изјави Ебрахим.  си/

Фото: Јутјуб.

Остани поврзан