• вторник, 05 ноември 2024

Во Велика Британија се вдоми Томи, канцеларискиот менаџер во ЈП „Лајка“

Во Велика Британија се вдоми Томи, канцеларискиот менаџер во ЈП „Лајка“

Скопје, 22 август 2023 (МИА) - Кучето Томи, кое од ЈП „Лајка“ го опишуваат како контролор на корпи за отпадоци, на квалитет на појадоци и офис-менаџер во нивното претпријатие, сега е среќно вдомено во Велика Британија, од каде што им пристигнале фотографии од неговите нови авантури.

- Томи и неговото братче беа оставени на улица како мали бебиња, а нашиот колега Александар ги згрижи и ги чуваше сѐ додека не навршија седуммесечна возраст. Неговото братче имаше среќа да се вдоми брзо, а Томи остана со нас долго време, па така и стана наш миленик. Томи секојдневно нѐ смееше и ни го правеше денот поубав, немаше столче каде што тој не седеше и на сите состаноци беше најгласен со неговото крчење. Секој што доаѓаше во „Лајка“ веднаш се вљубуваше во него, едноставно пленеше со неговите очи и интересен карактер, се наведува во соопштението.

Од претпријатието велат дека Томи го испратиле со многу солзи, иако „сѐ уште зборуваме како ни фали, ние сме пресреќни што сега има свој дом и фамилија, го сакаат премногу“.

- Ти ја посакуваме целата среќа на овој свет Томи, ти посакуваме долг и среќен живот со својата фамилија, а ние ќе чекаме нови фотографии од твоите авантури. Те сака, целиот тим на ЈП „Лајка“, пишува во соопштението. бд/

Фото: ЈП „Лајка“

Остани поврзан