• петок, 22 ноември 2024

Во Велешко драстично намален криволовот, се намалува и бројот на спортски риболовци

Во Велешко драстично намален криволовот, се намалува и бројот на спортски риболовци

Велес, 16 јануари 2024 (МИА) - Криволов на велешкиот риболовен ревир „Вардар 4“ и езеро „Младост“ има, но тој во последниве пет-шест години е драстично намален, па и десетпати помалку. Лани се фатени 20 мрежи во криволов, но не и нивните сопственици, па нема кривични пријави. Последните години риболовците се одлично екипирани со мобилни телефони и на време се предупредуваат меѓу себе кога доаѓа рибочуварската служба, информираат за МИА од ЗСР „Бабуна“ од Велес.

Тие потенцираат дека последниве години рибокрадци се главно повозрасни лица. Во риболовен ревир „Вардар 4“ освен река Вардар, влегуваат и реката Отовица, реката Тополка и Бабуна по целото течение, како и делови од Црна Река и Брегалница.

Ангел Тодоров, потпретседател на ЗСР „Бабуна“ посочува дека последниве две години во опаѓање е и бројот на членови спортски риболовци. За пример за риболовен ревир „Вардар 4“ лани годишна дозвола извадиле 529 спортски риболовци, што е помалку за 122 спредено со 2022 година, кога биле 651 член. За езеро „Младост“ лани дозвола извадиле 138 спортски риболовци, што е за 66 помалку споредено со преходната 2022 година, кога биле 204.

Драстично е намалувањањето споредено со 2021 година кога на риболовнот ревир Вардар дозвола извадиле дури 884 спортски риболовци, а за езеро „Младост“ биле 226. Пред 15-тина години ЗСР „Бабуна“ имаше и по 1.500 членови.

Тодоров појасни дека причина на намалувањето на бројот на спортски риболовци е таа што голем дел од повозрасните членови во изминатите години починале, а младите или заминале во странство, а тие што останале не пројавиле интерес за спортски риболов. Една од главните причини е таа што варира вододстојот на реката Вардар поради запирање и испуст на вода од акумулацијата Козјак.

- Превисокото ниво на водата на реката Вардар не дозволува рибарење, а со што се намалени и деновите за рибарење во текот на годината, изјави Тодоров.

Тој потсети дека во декември лани согласно добиената концесија го извршиле редовното порибување на својот ревир со 580 килограми подмладок. Поточно 500 килограми крап, од кои 200 килограми на Вардар и 300 килограми на езеро „Младост“ . Од вкупно 80 килограми пастрмка, 50 килограми биле за реката Бабуна и 30 килограми на реката Тополка.

Од ЗСР „Бабуна“ најавуваат дека и годинава ќе ја изврши редовната еколошка акција за чистење од секаков вид на смет на реката Вардар. Во акцијата планира да ги вклучи и учениците, односно ќе работи на нивна едукација за грижа на рибниот фонд во реките и езерата и за заштита на водите и животната средина. ЗСР „Бабуна“ планира здружението да го збогати со најмлади членови спортски риболовци- подмладок, кои потоа би ја сочинувале и екипата на ЗСР „Бабуна“ за домашни и меѓунаридни натпревари.

ЗСР „Бабуна“ е едно од трите најстари во земјава формирано пред 72 години во далечната 1952 година. Во сите години досега е на врвот на најдобрите и најтрофејните во земјава и е добитник на бројни домашни и меѓународни пехари, медали и признанија. ЗСР „Бабуна“ во изминатите години први реагираа за загадување на водите, како и чести помори на рибите во реките Вардар, Тополка и Бабуна од страна на фирми загадувачи од Велес и Велешко. Тие први алармираа за бројни инциденти по реката и рибите до Државниот инспекторат за земјоделство и Македонската риболовна федерација. ад/мд/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан