• недела, 22 декември 2024

Во Велес се одржаа Фолклорните смотри на Источниот регион 2023

Во Велес се одржаа Фолклорните смотри на Источниот регион 2023

Велес, 11 септември 2023 (МИА) - На сцената на отворено во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес вчера се одржаа  Фолклорните смотри на Источниот регион 2023. 

На смотрата учествуваа фолклорните друштва: КУД „Младост“ од  Јосифово, КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица, КУЗ „Карпош“ од Крива Паланка, ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево и ЗФГ „Копачка“ од село Драмче, делчевско, АТМИ „Митко Алексов“ од Кочани, КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово-Посеље, како и гости Фолклорната група „Беломорски“ од  Клоривлен -Бугарија. На програмата како специјални гости настапија и членовите на групата ОТИ за народни инструменти при Основното општинско Музичко училиште „Стефан Гајдов“ од Велес.

Домаќини беа велешките фолклорни друштва КУД „Коле Неделковски“ и Ансамблот „Керамичар“ под покровителство на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија СОФАМ и Општина Велес.

Во изјава за МИА, Перса Стојановска претседател на ЗФГ „Копачка“ од село Драмче, делчевско потенцира дека нивниот фолклорен ансамбл е најстарата македонска група која годинава слави 75 - годишен јубилеј. Тие пред велешката публика настапија со песните „Сношти е Стојна доведена“ и ората „Копачка“ и „Ситното“.

Стојановска рече дека „Копачка“, оро од Пијанечки регион, во 2014 година беше прогласено за национално културно богатство со особено значење од исклучителен интерес за нашата држава, а воедно стана и светско културно наследство испишано во УНЕСКО-вата Репрезентативна листа на нематеријални културни наследства на човештвото.

Ова фоклорно друштво учествувало на многу Балкански и европски фестивали и гостувања и добитници се на многу награди и признанија. Меѓу другите награди и за Најдобри тапанџии „Пеце Станасовски“ во Долнени 2016 година.

Меѓу четворицата тапанџии кои заедно настапија пред велешката публика и ја воодушевија со својот заеднички настап е и 20 - годишната девојка Ана Алексовска   која за МИА, информира дека тапан удира од само пет години. Таа сама се научила да удира на тапан и потенцира дека има голема љубов кон тапанот и фолклорот. Со неа свиреа и уште тројцата тапанџии Адријан Сименовски, Николче Петровски и Матеј Миленковски.

Интересно за ова друштво е што има играорки од 15 - годишни деца до 70 годишни жени. Една од нив која е голем вљубеник во фолклорот е 70 годишната Вида Илиевска, која и на овие години одлично потскокнува со младите. Таа игра ора од дете, но во фолклорното друштвото „Копачка“ е од 2010 година.

-Да се биде член на ЗФГ „Копачка“ за мене значи гордост, а гордост е и за нашиот крај село Драмче, делчевско, затоа што ние настапуваме со наши изворни песни и ора.Така на најубав начин го претставуваме нашиот крај и богатиот македонски фолклор насекаде каде што настапуваме во земјава и странство, потенцира Илиевска.

Таа воедно со монистра везе накит, белегзии и колани за народната носија за себе и останатите членови на фолклорната група, а од монистра израбоува и изводачка со која се тера орото, а за што и се потребни и до десет дена напорна работа.

Меѓу тапанарите беше уште една девојка, 17 - годишната Моника Миткова средношколка која учи економско училиште.Таа веќе две години удира на тапан во ФА „Љупчо Сантов“ од село Оризари, кочанско. Моника исто како и Ана самата научила да свири тапан, а откако се зачленила во ова фолклорно друштво со тапанот настапила на фестивали и гостувања во земјите од целиот Балкан, Италија и на многу фестивали во земјава.

Мирјана Мирчевска, претседател на Сојузот на Фоклорни ансамбли на Македонија СОФАМ во информација за МИА појаснува дека во земјава има три региони кои имаат свои фолклорни смотри и тоа: Источниот регион, Скопскиот регион и Западниот регион, а секоја година се одржуваат годишни смотри во различен град од секој регион, освен во Скопскиот регион, коишто се одржуваат во Скопје.

Така тие одлучиле  годинава за првпат смотрите од Источниот регион са се одржат во Велес.

- Убаво е сите фолклорни ансамбли да се членови на овој сојуз затоа што нивните членови така можат да комуницираат, и разменуваат искуства. Воедно тие разменуваат можности кои ги нуди фолклорот и учат едни од други. Ако го проследивте фестивалот видовте колку генерациски настапуваат од 5 годишни деца до 70 годишни играорки па и постари, што е едно непроценливо богатство за нив, како и за фолклорот кој го презентираат пред другите, а со што го претставуваат својот крај, потенцира Мирчевска.

Таа заклучува дека фолклорните смотри и самите ансамбли не секогаш ја имаат подршката од надлежното Министерство за култура, за разлика од соседните земји како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, каде државата финансиски многу вложува во фолклорните ансамбли, фестивали и смотри каде се презентира националната култура.

- Не е евтина оваа работа. Потребни се соодветни носии, музички инструменти и долгогодишно учење. За сето тоа да биде соодветно, а да не биде импровизација не треба да има мешање на работи кои реално не постоеле ниту во времето ниту од местото од каде што се презентира фолклорот. Но поради сиромаштија луѓето од некои фолклорни ансамбли прават комбинација на пример земаат чорапи од велешко, а горна облека од носијата од битолско. Тоа е еден недостаток што за жал државата не го препознава, а колку ние да се трудиме да направиме нешто, потенцира Мирчевска.

Додава дека сепак годинава Министерството имало слух и им дало финансиски средства за поквалитетно организирање на фолклорните смотри. Воедно таа во иднина од надлежните очекува поголема финансиска подршка за средбите и воопшто за фолклорните друштва.

Мирчевска е со идеја наскоро да се направи и една Фолклорна смотра која ќе биде заедничка за трите региони од земјава.

Томе Јаневски, еден од организаторите и координатор на фолклорните смотри за Источниот регион 2023 и претседател на Фолклорниот ансамбл „Керамичар“ од Велес и се заблагодари на раководството на СОФАМ и претседателката Мирчевска што одлучија токму Велес за првпат да биде домаќин.

-Ние трите велешки фолклорни друштва „Керамичар“, „Коле Неделковски “ и „Вила Зора“ братски се здруживме и со заеднички сили и подршка од Општината и Сојузот успеавме да ги организираме смотрите. Основната цел на смотрите беше постигната, сите ансамбли - учесници на сцената го претставија богатиот и разновиден македонски фолклор од својот крај. Со тоа придонесоа да се зачува долгата традиција на македонски песни и ора и да се пренесе на идните генерации, потенцира Јаневски. ад/ев/

Остани поврзан