• понеделник, 23 декември 2024

Во Велес одбележан Чист понеделник

Во Велес одбележан Чист понеделник

Велес, 18 март 2024 (МИА) - Во месноста Мегдан во стариот висок дел на Велес, и годинава жителите со варење традиционално бело гравче и ручек на отворено го одбележаа денот на започнување на велигденските пости. Првиот ден од велигденските пости, веднаш по Прочка, кој секогаш е во понеделник е наречен Чист понеделник.

Неколку жители, постари мажи  од месноста Мегдан  и годинава на отворено во голем казан сварија бел  грав. Главен готвач  за подготвување на гравот  и годинавa беше  80-годишниот Тодор Иванов, кој ручекот го подготвува од 2000-та година. Постарите жени од Мегдан  подготвија мезе и поставија маси на отворено на Мегдан, традиционално на ширинката на само стотина метри под црквата „Свети Пантелејмон“ во високиот дел од десната страна на Велес.

На ручек  денеска ги посетиja  нивни бројни пријатели и гости од сите делови на градот, а традиционално ги посети и градоначалникот на Велес Марко Колев. На настанот секоја година има и кум на прославата, кој обично е жител од оваа населба Мегдан. Велешани, кои со години  живеат во странство, специјално за овој ден се враќаат во родниот Велес да го одбележат со пријателите и поранешните комшии и другари.

-Посакав со здравје и бериќет да го негуваме овој надалеку познат обичај, пренесувајќи го од колено на колено уште многу години, потенцира во оваа пригода градоначалникот  Колев.

Чист понеделник со бело гравче по традиција се одбележува и во Башино Село во непосредна близина на Велес.

На овој ден веднаш по Прочка на Чист понеделник во минатото велешките домаќинки со пепел од огништето  ги чистеле од мрсно сите садови во домаќинството. Се се подготвувале за започнување на  40-дневниот пост до големиот христијански празник Велигден. Облеката на овој ден ја переле со „цеќова вода“ подготвена од пепел и вода. ад/мд/ 

 
 

 

Остани поврзан