• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Велес одбележани 80 години од Црвениот крст

Во Велес одбележани 80 години од Црвениот крст

Велес,14 март 2025 (МИА) - Општинската организација на Црвен крст Велес синоќа во големата сала на Општина Велес под мотото „80 години nие гледаме луѓе“  свечено одбележа 80 години од постоењето на Црвениот крст на РС Македонија. На свеченоста присуствуваа голем број поранешни и сегашни волонтери и активисти на Црвениот крст, како  и Ромел Велев претседател на Црвениот крст на Македонија. Тој  го честита јубулејот и врачи признанија на Црвенот крст за општините Велес, Градско и Чашка, кои ги примија градоначалниците на трите општини, Марко Колев,Киро Нацков и Горан Стојановски.

Велев потсети дека хуманоста и хуманитарните активности на нашите простори  егзистираат и повеќе од сто години, уште од времето на бившото Кралство Југославија. Низ годините Црвениот крст обезбедувал поддршка за време на Балканските и двете Светски војни, а како Црвен крст на Македонија започнува во 1944 година по првото заседание на АСНОМ кога Президиумот преку своето поверенство за социјална политика донело иницијатива за негово формирање на 17 март 1945 година, кога било одржано основачкото собрание и биле поставени темелите на Црвениот крст на Македонија.

-Во изминатите 80 години многу луѓе и фактори придонесоа за денешниот Црвен крст. Затоа најпрво голема благодарност до сите претходни генерации на хумани и добри луѓе кои се вградија во оваа организација за таа да биде толку успешна и убава. Со свеченоста под мотото „80 гогини ние гледаме луѓе“ во овој период Црвениот крст ги одбележува 8 –те децении на хумана мисија во државата со посебен акцент на соработката со локалната самоуправа.Без неа Црвениот крст тешко би може да ја исполни својата мисија кон граѓаните,затоа и овој голем јубилеј го одбележуваме преку нивна посета и на овој свечен настан им доделуваме признанија за успешната соработка, информира Велев.

Тој потенцира дека нема успешна приказна без поддршка на хуманите луѓе во општините и поддршката од нивните лидери градоначалниците.Додаде дека  нивната поддршка на Црвениот крст му овозможува да ги реализираат проектите и да ги обезбедат неопходните услуги за граѓаните.

Д-р Кевица Клифова претседателка на Општинската организација на Црвен крст Велес, потсети дека тие делуваат на териториите на трите општини Велес, Градско и Чашка. Воедно се  едни од најдобрите во земјава и се горди посебно на резултатите што ги постигнуваат на планот на крводарувањето со кое се препознатливи и надвор од земјава.

-Ние со години наназад исполнуваме над 200 проценти од планираните крвни единици. Во последно време имаме и одлични резултати на полето на првата помош со значителни победи на регионалните и државни натпревари. На завидно ниво е подготвеноста на тимот за одговор при катастрофи, како и работата на младите волонтери кои се носечка сила на организацијата, потенцира Клифова.

Таа додаде дека трансформацијата во општеството донесе и трансформација во работењето на Црвениот крст, но добрата соработка со работните организации,институциите и поединците задолжени за работењето  на Организацијата во нивната средина успешно продолжува. Искажа благодарност за стотиците и илјадници волонтери кои во изминатите 80 години беспоштедно се вложоле себеси и илјадници часови труд за хуманост и помагање на оние на кои им биле потребна помош од Црвениот крст.

Свеченоста беше збогатена со настапот на малите балеринки од Балетското студио „АНАБЕЛА“, а во холот на општината беше претставена и изложба на фотографии на некои од бројните активности и акции на Општинската организација на Црвен крст, која по завршување на свеченоста ја проследија присутните гости.

Инаку централната  прослава 80 години на Црвениот крст на Македонија е закажана за 18 март во Македонскиот народен театар во Скопје.ад/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан