• понеделник, 23 декември 2024

Во Велес и Велешко лани 3.741 крводарување

Во Велес и Велешко лани 3.741 крводарување

Велес, 10 јануари 2024 (МИА) - Крводарителите од Велес, Градско и Чашка лани имале вкупно 3.741 крводарување, од кои најголем дел  2.288 крводарувања биле во станицата за трансфузиологија која е сместена на влезот во Велешката општа болница и  е дел од ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина  од Скопје.

Од вкупниот број на крводарувања лани 1.453 крвни единици биле собрани во 27 ациии за доброволно дарување на крв што ги организирале во соработка со Општинската организација на Црвен крст.

Како што информира за МИА д-р Кире Тодоров  од оваа јавна здравствена установа ваквиот биланс се должи на хуманоста на велешките крводарители кои со години наназад  се на врвот на најхуманите во земјава. Во 2022 година биле собрани 3.733 крвни единици, со што лани имало само за 8 крводарувања плус од претходната година.

Тој информира дека на последниот ден за крводарување лани во станицата за дарување крв на 28 декември 2023 година од 34 доброволно дарители на крв биле собрани 34 крвни единици, а  исто толку 34 крвни единици  се  собрани и на 4 јануари во новата година. Станицата за дарување крв работи во понеделник и четврток, а два понеделника на 1 и 7 јануари не работеше  поради новогодишните и божиќните празници.

Просториите на станицата за трансфузиологија изминатото лето беа целосно реновирани со што се подобрија условите за работа, а наскоро треба да бидат опремени и со нов мебел.

Тодоров ја најавува и првата годинашна акција за доброволно дарување крв, која е закажана за недела, 14 јануари од 9:00 до 14:30 часот во просторија на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

-Им благодарам на велешките крводарители кои секогаш се хумани. Радува фактот што секоја година во акциите се вклучуваат и нови крводарители, а тоа најчесто се младите, средношколци  и студенти. Ги повикувам  велешани  во недела  да се вклучат во првата годинашна акција за крводарување во 2024 година.  Како и многупати досега ја очекувам повторно нивната хуманост на дело, а која за многу пациенти посебно  во критична состојба  буквално живот значи, потенцира д-р  Тодоров. ад/мд/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан