• вторник, 21 мај 2024

Во Битола претставен македонско-грчки туристички проект и нови туристички водичи

Во Битола претставен македонско-грчки туристички проект и нови туристички водичи

Битола, 30 ноември 2023 (МИА) - Новиот меѓународен проект го реализиравме под  мотото „Безгранична Македонија – Македонија без граници“, затоа што природните убавини на планините, езерата и реките немаат потреба од политичка иноволвираност, изјави за МИА Алкис Анѓело Ставридис, автор на проектот и главен менаџер на партнерските организации.

Според Ставридис, кога туристите сакаат да престојуваат во планина или да видат река или езеро нив не им е важно дали тие се наоѓаат од грчка или од македонска страна.

-Јас сум автор на проектот и глевен проектен менаџер на сите партнери во проектот. Мојата прва желба и иницијатива беше од птичја перспектива и со користење на дронови да се покажат прекраните места на ова поднебје кои неможе да се пронајдат со пребарување на Гугл. Станува збор за планините, шумите, реките, езерата и други реткости кои неможе да се пронајдат на Гугл. Потоа си поставивме за цел заеднички да се промовира регионот бидејќи станува збор за единствено подрачје со толку многу убавини. Затоа заедно го утврдивме и во овој проект го применуваме нашето мото „Безгранична Македонија – Македонија без граници“, затоа што природните убавини на планините, езерата и реките немаат потреба од политичка иноволвираност. Кога туристите сакаат да престојуваат во планина или да видат река или езеро нив не им е важно дали тие се наоѓаат од грчка или од македонска страна. На оваа финалана конференција заклучивме дека проектот ги надмина нашите очекувања, а следните чекори се поврзани со голема промотивна кампања на сите социјални медиуми која ќе биде континуирана и по завршувањето на проектот финансиран од Европската унија, изјави Ставридис.

Од македонскат страна, носител на проектните активности беше Агенција за поддршка и промоција на туризмот на Република Северна Македонија која како што потенцира директорот Љупчо Јаневски, прв пат од нејзиното постоење реализирале значаен проект поддржан од туристичката организација на градот Солун и италијанско-грчката комора.

-Ние ги избришавме границите и создадовме голема дестинација со која туризмот покажа дека нема граници, туку само постојат граници, а туристичката дипломатија е таа која што треба да изгради мостови меѓу народите. Со проектот на пограничниот појас меѓу двете земји е овозможен промотивен материјал, обележани се туристички патеки, на саемот во Милано настапивме заеднички, создадовме 10 нови туристички водичи, млади луѓе кои понатаму ќе може да се вработат или самовработат. За прв пат Македонски Брод, Новаци, Крушево, Битола, Дојран и Струмица добија нови млади туристички водичи. Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во иднина ќе работи на проекти од програмата ИПА-3 кои ќе овозможат дополнителна вредност во туристичката индустрија. Ќе соработуваме со Албанија, Косово и Србија, истакна Јаневски.

На завршната конференција во Битола, градоначалникот на Општина Круешево Томе Христовски истакна дека со ваков и слични проекти градот настојува да стане град на четири сезони.

-Ако до пред некоја година фокусот беше ставен само на снегот, оваа година има многу повеќе активности. За да дојдете до тој степен на привлекување на туристи, треба да овозможите добра инфраструктура која е предуслов за раст и развој на локалната економија, а со тоа и развој на туризмот. Постојано работиме во насока на развивање на туризмот. За Крушево слободно може да покажеме дека е едно од најубавите места во Македонија, кое вреди да се посети. Подеднакво е убаво во секое годишно време и може да понесете убави спомени кога и да дојдете, рече Томе Христовски, градоначалник на Крушево.

Од Агенција за поддршка и промоција на туризмот на Република Северна Македонија потврдија дека оваа година ќе  биде достигната бројката од 3,2 милиони ноќевања во Северна Македонија со што се надминуваат планираните 530 милиони долари девизен прилив во туристичката индустрија. мт/ 
 
Фото: МИА
 

 

Остани поврзан