• петок, 05 декември 2025

Во Бигорскиот скит во Битуше почнуваат летните школи по Вероучение

Во Бигорскиот скит во Битуше почнуваат летните школи по Вероучение

Дебар, 5 мај 2025 (МИА) - Ова лето, поточно од 19 јуни почнуваат летните школи по вероучение, кои ќе се одржуваат во Бигорскиот скит, посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа во близина на долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, во подножјето на планината Крчин. 

-Со голема радост може да информираме дека со благослов на нашиот сакан епископ Антаниски, г. Партениј, ова лето започнуваме со одржување на летни школи по Вероучение. Овие школи ќе се одвиваат во прекрасниот Бигорски скит – манастирот посветен на сесловенските просветители и учители, Светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа над селото Битуше, во срцето на планинската убавина, рече за МИА, сестра Ефимија.

Додаде дека во ова мирно и инспиративно природно опкружување, децата и младите ќе имаат ретка можност да се запознаат со духовните вредности и етички принципи на Православната вера, да се запознаат со нејзината богата културна традиција и наследство, и сето тоа додека уживаат во чистиот воздух, зеленилото и тишината на планинскиот амбиент.

-Ќе бидат организирани пет групи според возрасен критериум.  Првата група, која ќе ја сочинуваат деца на возраст од 10 до 12 години ќе биде од  29 јуни до 3 јули,  втората група опфаќа деца од 13 до 15 години и ќе се одржи од  14 до 18 јули,   трета група ќе биде од  20 до 24 јули и опфаќа млади од 16 до 18 години. Четврта група од 27 до 31 јули со деца од 10 до 12 години и последната,  петта група ќе биде од 10 до 14 август со деца од 13 до 15 годишна возраст, посочи сестрата.

-Во интерес на квалитетна организација, замолуваме, посочува таа, да се почитува возрасниот критериум, односно, родителите да не се пријавуваат деца под 10 годишна возраст. Исто така се замолуваат доколку поради оправдани причини (болест и слично), децата не можат да присуствуваат, родителите да ги известат најдоцна 7 дена пред почетокот на школата. Им порачувам на родителите дека со огромна радост ги очекуваме нивните најмили, за да им подариме едно незаборавно духовно лето, исполнето со многу другарување, нагласи сестрата.

Прием и одјава на децата се врши од 14:00 до 16:00 часот, преку порака исклучиво преку Viber или WhatsApp на бројот: 070 290 210 (сестра Ефимија). вт

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан