• петок, 22 ноември 2024

Во беровското село Будинарци реализирана четврта акција за пошумување на опожарена површина ,,Боренка"

Во беровското село Будинарци реализирана четврта акција за пошумување на опожарена површина ,,Боренка

Берово, 20 ноември 2023 (МИА) - Во атарот на беровското село Будинарци денес реализирана есенска акција за пошумување. Акцијата за пошумување е дел од заедничката активност на Сојузот на извидници на Македонија и ЈП „Национални шуми“ кои се главни организатори на акцијата „Боренка".

-Денес се пошумуваше во м.в. Голем дол атар на село Будинарци, кој беше опожарен во 2020. Се посадија садници од црн бор на површина од 2ха. Со пошумување се продолжува секој ден се додека дозволуваат временските прилики, информираа од подружницата на ЈП „Национални Шуми" од Берово.


Денешната акција на Сојузот на извидници на Македонија и ЈП Национални шуми е четврта акција за пошумување на опожарена површина.

Како дел од програмата Society 2030 – Spirit of Progress, чија цел е позитивно влијание врз општеството и животната средина, Diageo, како зелен шампион на БОРЕНКА, заедно со својот локален партнер Maliqi group за прв пат учествуваат со своите вработени во кампања за пошумување заедно со младите ученици и наставници од скопската гимназија „Орце Николов“, извидниците од штипската извидничка единица „Еквинокс“, Првиот скопски извиднички одред, Поречкиот извиднички одред „Галеб и Јадран“ и Извидничкиот одред од Кичево - Мирко Милески. 


На денешната акција се приклучија и раководните лица на ЈП Национални шумиод каде информираа дека се пошумуваат 2000 нови стебла на повеќе од еден хектар опожарена површина, со тоа што договорот за спонзорство на „Diageo“ вклучува 2 000 нови дрвја.

-Акциите за пошумување се одржуваат два до три пати секоја недела од месец ноември, а ќе завршат на 5 декември со симболично одбележување на Светскиот ден на волонтерите. Да потсетиме, кампањата Боренка во изминатата прва сезона собра повеќе од 1000 волонтери од цела земја, а вкупно извидниците и другите волонтери на Боренка досега засадија повеќе од 20 000 нови дрвја во пожарните области во три региони во земјава, велат организаторите.

Ова според нив ја прави Боренка најголемата волонтерска кампања за пошумување и одличен пример како да се здружат бројни волонтери, институции, компании и организации во обновувањето на природата.

-Во организацијата на Боренка учествуваат бројни институции кои даваат поддршка на извидниците и другите волонтери. ЈП Национални шуми обезбедуваат садници и друг саден материјал, а нивните експерти едуцираат волонтери и го надгледуваат самото садење. Волонтерите на Сојуз на извидници на Македонија се главната логистичка поддршка во организацијата на пошумувањето. Директна институционална поддршка Боренка има од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање како и од Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, Хрватски шуми и Сојуз на извидници на Хрватска, додадоа организаторите на денешната акција.

Во последните 2 години, според податоците објавени во описот на акцијата, Република Северна Македонија беше зафатена од повеќе од 500 шумски пожари со финансиска штета од околу 14 милиони евра. Врз основа на предвидувањата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ ќе бидат потребни повеќе од 50 години за да се обнови штетата направена во последните две години на повеќе од 30.000 хектари шумска површина. Во 2020 година се пошумувале 569 хектари, а во 2019 година околу 1000 хектари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. вс/свс/

Фото: МИА

Остани поврзан