• среда, 03 јули 2024

Во Берово ќе се стипендираат талентирани средношколци

Во Берово ќе се стипендираат талентирани средношколци

Берово, 7 септември 2023 (МИА) - Во Берово распишан конкурс за доделување на месечна стипендија на талентирани ученици кои учат во Општинското Средно училиште „Ацо Русковски“. Огласот е распишан како дел од Програмата за социјална заштита врз основа на правилникот за начинот и посебните критериуми за доделување на месечна стипендија на 10 талентирани ученици.

Како што информираа од Општина Берово, стипендиите кои ќе се доделуваат во период од 9 месеци во рамки на учебната 2023/2024 година, е со цел да се поттикнуваат учениците да постигнуваат подобри резултати во воспитно-образовната работа и слободните активности, како и да го афирмираат училиштето и општината во државни и меѓународни рамки.

-Право на стипендија имаат талентирани ученици кои постигнале особени резултати во воспитно образовната работа и слободните активности и го афирмираат училиштето и општината во државни и меѓународни рамки, а кои не користат стипендија од други институции.

Учениците кои конкурираат за стипендија се должни да достават пријава која можат да ја симнат од општинската веб-страница, каде се објавени сите услови за заинтересираните кандидати, информираа од Општината.

Корисниците на стипендијата, како што додадоа ќе можат да ја реализираат преку склучен договор со Општина Берово, со кој подетално ќе се уредат меѓусебните права и обврски, помеѓу давателот и корисникот на стипендија.

-Документите да се достават во хартиена форма, директно на Архива на Општина Берово или по пошта со назнака во горниот лев агол на пликото, Пријава на Конкурс за доделување на стипендии на редовни ученици, запишани во ОСУ ,,Ацо Русковски” Берово, на адреса: Општина Берово, ул. ,,Димитар Влахов” бр. 10 , Берово, додадоа од Општината.

Рокот на пријавување на кандидатите за користење на општинска стипендија, е најдоцна до 22.09.2023. Ненавремени и некомплетни пријави нема да се разгледуваат и бодуваат, а за повеќе информации за условите и критериумите, под кои ќе се доделуваат стипендиите, сите заинтересирани, можат да се обратат до Одделението за јавни дејности при Општина Берово. вс/сх/

Фото: Општина Берово

Остани поврзан