Во Белград 27-ми протест „Србија против насилството“
- Во Белград се одржа 27-от протест „Србија против насилството“, кој е прв протест откако проевропската опозиција, која ги организира протестите, постигна коалициски договор за една изборна листа на претстојните вонредни парламентарни, покраински, локални и избори за градот Белград, јави дописникот на МИА од Белград
Белград, 4 ноември 2023 (МИА) - Во Белград се одржа 27-от протест „Србија против насилството“, кој е прв протест откако проевропската опозиција, која ги организира протестите, постигна коалициски договор за една изборна листа на претстојните вонредни парламентарни, покраински, локални и избори за градот Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Вечерашниот протест се одвива со блокада на централните белградски улици, долж таканаречената „медиумска рута“ од Народното собрание до зградата на РЕМ и на РТС.
- Време е да ја искористиме шансата и да смениме нешто на 17 декември и да покажеме дека ниту една жртва не е залудна, порача модераторот Смиљан Бањац на вечерашниот протест „Србија против насилството“.
Тој рече дека на евентуалната кражба на гласови ќе се реагира како во 1996 и 2000 година, бидејќи „Србија лесно се бунтува и се буди и сака да живее во слобода и мир“.
- Се боревме за вонредни избори, проевропската опозиција се обедини на една листа. Не спијте до 17 декември, им порача Бањац на граѓаните.
Со овој протест се одбележува и половина година од масовните убиства во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и во околината на Младеновац.
Протестите „Србија против насилството“ почнаа во Белград, а потоа и во другите градови на Србија по масовните убиства што се случија на 3 и 4 мај, а беа поставени повеќе барања, од кои беа исполнети оние за одржување на посебна седница на српскиот парламент за безбедноста по тие настани, формирањето на Анкетната комисија за утврдување одговорност, како и оставката поради институционална одговорност на министерот за образование Бранко Ружиќ и директорот на БИА, Александар Вулин.
Вулин вчера поднесе оставка, но како причина не го наведе барањето од протестот.
Партиите на проевропската опозиција, кои се собраа во заедничка изборна листа „Србија против насилството“ за изборите на 17 декември, технички се организатори на протестите од нивниот почеток. об/ми/