• недела, 22 декември 2024

Во Албанија одложено отворањето на прифатните центри за мигранти

Во Албанија одложено отворањето на прифатните центри за мигранти

Тирана, 31 јули 2024 (МИА) - Прифатните центри за мигранти од Италија лоцирани во Албанија во моментов не можат да почнат да примаат луѓе поради технички проблеми, пренесоа албанските медиуми.

Центрите првично требаше да бидат отворени во мај.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони на почетокот на јуни најави дека центрите би можеле да започнат со работа на 1 август.

Сепак, датумот за почеток е повторно одложен бидејќи главниот камп во поранешната воена база во Ѓадар се уште не е завршен. 

-Изградбата беше одложена бидејќи почвата беше многу ронлива и требаше да се зајакне пред да се постават темелите, објасни портпаролот на италијанската амбасада. 

Интензивните летни горештини ги забавија и градежните активности.

Откако системот ќе биде оперативен, мигрантите ќе поминат низ првична проценка, а потоа ќе бидат примени во помалиот камп во јадранското пристаниште Шенѓин. Овој објект е подготвен, но сè уште не е во употреба.

-Италијанските власти прават напори центрите да почнат да функционираат што е можно побрзо во следните недели, додал портпаролот на амбасадата на Италија во Тирана.

Планот предвидува мигрантите кои се обиделе да преминат со брод во Италија, а италијанските власти ги пресретнале во Медитеранот, да бидат однесени во центрите во Албанија.

Договор за прием на мигранти петтгодишниот договор, со можност за обновување,  италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама, го потпишаа во Рим на почетокот на ноември.

Предвидува сместување во Албанија на 3.000 мигранти месечно собрани од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води.

Бидејќи е потребно околу еден месец за обработка на секое барање, бројот испратен во Албанија може да достигне 36.000 за една година. Италија се согласи да ги прими оние на кои им е одобрен азил. Оние чии барања ќе бидат одбиени ќе се соочат со депортација директно од Албанија.

Двата центра во Албанија ќе ја чинат Италија 670 милиони евра во следните пет години. вт/

Остани поврзан