Ворш: Ризиците за инфлацијата во САД се намалени, ФЕД останува посветен на стабилноста на цените
- Претседателот на американските Федерални резерви, Кевин Ворш, денеска изјави дека ризиците за инфлацијата во САД се намалени во последните недели, истакнувајќи сепак дека централната банка останува цврсто определена за враќање на инфлацијата на таргетираните два отсто.
Синтра, 1 јули 2026 (МИА) – Претседателот на американските Федерални резерви, Кевин Ворш, денеска изјави дека ризиците за инфлацијата во САД се намалени во последните недели, истакнувајќи сепак дека централната банка останува цврсто определена за враќање на инфлацијата на таргетираните два отсто.
На годишниот Форум на Европската централна банка за централно банкарство во португалскиот град Синтра, тој повтори дека основната цел на Федералните резерви е зачувување на стабилноста на цените.
Говорејќи за монетарната политика, Ворш нагласи дека централната банка ќе ја задржи својата независност во носењето одлуки, и покрај постојаните повици на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на каматните стапки.
- Федералните резерви долго време се независна централна банка и така ќе остане – порача гувернерот.
Ворш повтори дека Фед повеќе нема да дава однапред насоки за идните одлуки во врска со каматните стапки, наведувајќи дека сака отворена расправа меѓу членовите на Комитетот за операции на отворен пазар (ФОМЦ) на следната седница закажана за 28 и 29 јули.
Федералните резерви минатиот месец ја задржаа референтната каматна стапка во опсег од 3,5 до 3,75 отсто. Според инвеститорите, постои голема веројатност дека ФЕД до крајот на годината барем еднаш ќе ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базни поени. јт/
Фото: Форум на ЕЦБ во Синтра