• понеделник, 23 декември 2024

Волстрит џурнал: САД наводно побарале од Израел да не одговара на нападите на Хутите

Волстрит џурнал: САД наводно побарале од Израел да не одговара на нападите на Хутите

Газа, 7 декември 2023 (МИА) - САД, наводно, му кажале на Израел да не одговара на ракетни и беспилотни напади на јеменските проирански Хути, се вели во написот на Волстрит џурнал објавен денеска, пренесе Бета.

Волстрит џурнал пишува дека САД побарале од Израел да и дозволи на американската војска да одговори на Хутите.

САД имаат воени бродови во регионот и соборија неколку ракети истрелани кон Израел, а израелската војска исто така пресретна неколку проектили.

Повикувајќи се на американски официјални претставници, весникот наведува дека САД се загрижени дека одговорот на Израел може да ја прошири војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас.

Волстрит џурнал денеска објави и дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден верува дека војната треба да заврши за недели, а не за месеци.

Израелските власти, наводно, не им дале гаранции на Американците, но изразиле интерес за враќање во нормала, особено за земјата да не биде економски погодена.

-Сите знаеме дека колку подолго трае оваа војна, толку е потешко за сите, рече неименуваниот американски функционер.

Во веста, исто така, се вели дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна им рекол на израелските власти дека високиот биланс на загинати цивили во израелскиот напад врз северниот дел на Газа не смее да се повтори на југ.

По неодамнешното завршување на еднонеделниот прекин на огнот, израелските одбранбени сили (ИДФ) ја проширија својата копнена офанзива на југ од Појасот Газа, каде што се засолниле стотици илјади луѓе раселени од северот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан