Воздушен напад во Одеса додека во украинскиот град се Мицотакис и Зеленски
- Не постои никаков проблем во однос на безбедноста на премиерот и грчката делегација, брифираат грчки владини извори по информациите дека во Одеса бил извршен воздушен напад, а во украинскиот град денеска е премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, кој според неофицијални извори се сретна со претседателот на Украина Володимир Зеленски, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 6 март 2024 (МИА) – Не постои никаков проблем во однос на безбедноста на премиерот и грчката делегација, брифираат грчки владини извори по информациите дека во Одеса бил извршен воздушен напад, а во украинскиот град денеска е премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, кој според неофицијални извори се сретна со претседателот на Украина Володимир Зеленски, јави дописничката на МИА од Атина.
Според видеата и информациите објавени на Х и Телеграм од Украина, околу 11 часот утрово имало предупредување за воздушен напад во Одеса по што се слушнале две силни експлозии, а не е јасно дали станува збор за балистички ракети или дронови.
Засега нема официјални информации за воздушниот напад.
Посетата на Мицотакис на Одеса и средбата со Зеленски, од безбедносни причини, не беа официјално најавени.
Во август минатата година украинскиот претседател беше во Атина на неформалната вечера што ја организираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за лидерите на Западен Балкан и на земјите-членки на ЕУ од регионот.
Официјална Атина континуирано ја изразува поддршката за Украина, како во одбраната на нејзинот територијален интегритет, така и за нејзината европска перспектива. ср/сд/