Владимир Јанковски на саем на книга во Риека
- Повод за гостувањето на Јанковски е хрватскиот превод на неговиот роман „Скриени желби, немирни патувања“.
Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Писателот Владимир Јанковски од вчера до четврток е гостин на „Врисак“, саем на книга и фестивал на автори што од 10 до 17 септември се одржува во Риека. Повод за гостувањето на Јанковски е хрватскиот превод на неговиот роман „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата ја преведе Ивица Баковиќ, а издавач е издавачката куќа „ВБЗ“, соопштија денеска од издавачката куќа „Антолог“.
- Ова е 16. издание на фестивалот. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „ВБЗ“ од Загреб, во соработка со Музејот на современа уметност од Риека, Детската куќа ГКР и Арт-киното од Риека. Фестивалот оваа години донесува повеќе од 50 настани - промоции на книги, претставувања, разговори и трибини, заедно со придружна ликовна, музичка и филмска програма, во кои ќе учествуваат околу стотина уметници, се наведува во соопштението.
Јанковски ќе настапи утре во 21 часот, заедно со писателката Весна Мариќ. Модератори на вечерта ќе бидат хрватските писатели Иван Сршен и Марко Погачар.
- „Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Јанковски. Во него, преку комбинацијата од педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказните за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањето за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, колку конструкцијата на тоа што сме или што можеме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот, се појаснува во соопштението.
Во хрватското издание на книгата пишува дека „бизнисот и уметноста, глобалното и локалното, реалното и виртуелното, машкото и женското се само некои од релациите на кои, преку живи калеидоскопски секвенци, се огледува раскажувачката магија на прозаистот Владимир Јанковски. Во која било точка на тој целосно стварен и сосема нестварен свет онаа пеперуга да замавнала со крилјата, некоја нежна бура ќе ги издува остатокот. Така, имено, тврди теоријата на внимателно организираниот хаос: секоја добра книжевност“.
- Владимир Јанковски од Скопје, роден 1977 година, дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“, заедно со Иван Блажев (2010), „Скопје со широко отворени очи“, заедно со Иван Блажев, (2008) и „Огледало за загатката; разговори за Влада Урошевиќ“ (2003). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод. Ивица Баковиќ, роден во Чаковец во 1982 година, дипломирал кроатистика и славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Во 2013 година докторирал на компаратистичка тема од областа на македонската и хрватската книжевност. Работи како доцент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Бил соработник на проектот „Книжевните, јазичните и културолошките аспекти на хрватско-македонските односи“ и соработник на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“. Член е на Друштвото на хрватските книжевни преведувачи, се додава во соопштението. бд/дма/
Фото: издавачка куќа „Антолог“