• недела, 26 јули 2026

Владејачката партија во Етиопија на премиерот Абиј Ахмед убедливо победи на парламентарните избори

Владејачката партија во Етиопија на премиерот Абиј Ахмед убедливо победи на парламентарните избори

Адис Абеба, 21 јуни 2026 (МИА) - Владејачката Партија за просперитет (ПП) во Етиопија на премиерот Абиј Ахмед победи на парламентарните избори во земјата одржани пред три недели, покажуваат официјалните резултати што ги објави денеска централната изборна комисија.

ПП освои 438 од 501 места во парламентот. Излезноста на гласачите била 94%. Резултатите од изборите одржани на 1 јуни првично требаше да бидат објавени на 11 јуни.

Изборната комисија го опиша гласањето како успешно и покрај техничките потешкотии и немирите во регионите Амхара и Оромија, каде што вооружени групи поставија блокади на патиштата во некои области за да ги спречат луѓето да гласаат.

Се очекуваше ПП да победи на изборите, поради малиот број кандидати од опозицијата на кои им беше дозволено да учествуваат во изборната трка.

Гласање немаше и Тигреј, што е втор пат овој бунтовнички регион да биде исклучен од изборите по  2021 година.

Абиј Ахмед, добитник на Нобелова награда за мир, ја водеше земјата во крвава граѓанска војна во северниот регион Тигреј, која траеше од 2020 до 2022 година. Се проценува дека околу 600.000 луѓе загинале за време на конфликтот.са/

Фото: ЕПА