• недела, 22 декември 2024

Владев: Свети Николе ќе добие младински културен центар и спортски сали

Владев: Свети Николе ќе добие младински културен центар и спортски сали

Свети Николе, 15 октомври 2021 (МИА) - Општината несомнено мора да напредува. Транспарентно ќе ги донесувам сите проектни решенија и ќе го почитувам мислењето на мнозинството. Свети Николе ќе биде пример за градење на нови локални политики, каде главниот збор ќе биде потребата на граѓанинот, наспроти личните и бизнис интереси. Ова вечерва го истакна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за градоначалчник на општина Свети Николе Дејан Владев.

Тој на митингот вети дека ќе биде достапен за сите идеи, предлози и забелешки. Посочи дека е доста од лажни надежи, проекти на хартија, убави украдени слики и константни лажни ветувања.  -Нема спортски сали, нема забавни катчиња за децата, нема чиста околина, нема улици, канализации, базен, пензионерски дом, куќа на спортови..., нагласи Владев.

Владев пред граѓаните вети чесна, транспарентна и континуирана работа. Ги претстави своите проекти-целосно оспособување на пречистителната станица за отпадни води, уредување на речното корито во централното градско подрачје, оплеменување на просторот во новиот парк со амфитеатар, памп-трак со мини фитнес-катче, скејт-рампи и детско игралиште. Најави зголемување на паркинг местата во централното градско подрачје со асфалтирање и обележување на паркинг места на потег „спортска сала -покрај реката и детската градинка“, канализација, асфалтирање на улиците во градот, новите населби и во руралните средини, уредување на фасадите на куќите во старата градска чаршија, нејзино осветлување и враќање на стариот градски изглед.

Пред граѓаните најави изградба на детски игралишта во дворот на градинките и обновување на старите запоставени игралишта, подобрување и осовременување на условите за работа во образовните и воспитни установи, како и изградба на спортски сали во Средното општинско училиште „Кочо Рацин“, Основното училиште „Даме Груев“ во Ерџелија- за развивање на спортскиот дух кај младите. Најави формирање и поддршка на младинскиот културен центар и можност за реализација на идеите на секој млад човек, подобрување на условите за развој на туризмот, подобрување на условите за живот во сите рурални места. вдј/мд/

Остани поврзан